Manu.Matea.jpg

Акад.Владо Камбовски
Реч по повод 85.годишнината од раѓањето
на акад.Матеја Матевски
МАНУ, 13.март 2014

Manu.Matea2.jpg

                     Мудроста и поезијата како автентични изрази на човечкото битие

Manu.Matea1.jpg

Manu.Matea.jpg
Почитувани,
Укажана ми е, по должноста што ја вршам и по повикот да го сторам тоа како долгогодишен пријател и почитувач на неговото дело, ретката чест да се вбројам во редот на говорниците што со своите беседања ќе го возвеличаат славењето на 85.тиот роденден на акад.Матеја Матевски. И морам да признаам дека со особена грижливост ја подготвував оваа моја скромна поздравна реч како реч на признание, пофалба, восхит и како пожелување на крепко здравје, долг живот и натамошна плодна работа. Веруваме дека зборовите имаат благотворна и животно-лечебна моќ и дека охрабруваат на секогаш нови стрмежи во величествениот и неповторлив животен подвиг. Инаку не би постоеле ни поезијата, ниту ваквите скромни беседања, какво што е моето. А грижловоста доаѓаше оттаму, што не знаев што поскоро треба да издвојам и да извлечам од сопствениот пребогат багаж на импресии и мисли, создадени од многубројните животни средби и сопатништво со акад.Матевски. Да не пропуштам да нагласам нешто што е важно, иако сум свесен дека наспроти фактот дека неговите дела се објавувани во педесетина држави, наспроти бројните студии, есеи, книжевни критики, воведи, поговори, што и да кажам на една-две странички ќе звучи аматерски, скромно и дури, можеби, недостојно за големината на поводот. Зашто, грандиозноста на неговото дело ја оцениле и ја вброиле во највисоките вредности на светската поезија најголеми авторитети од земјата и од светот.

Но не е целта на мојава реч да го вреднувам делото на акад.Матевски. Поаѓајќи од уверувањето дека човекот- тоа е неговото дело, би сакал да изложам само неколку фрагментарни опсервации за влијанието на неговиот животен став и неговата поезија врз мојот личен животен искус, сакајќи да верувам дека тие имале и имаат такво или слично влијание и врз други.

И затоа, еве, ќе започнам со неговите важни државни функции во поранешната Република Македонија. Првата, претседателството со Републичката комисија за културни врски со странство, се совпаѓаше со времето на афирмација на суверенитетот на Републиката, во тогаш новиот уставен амбиент на јакнење на конфедеративните елементи на југословенската федерација. Комисијата одигра исклучително важна улога во афирмацијата на македонската култура. Таа ја распосла насекаде низ светот, во најефективниот манир на културната дипломатија, вистината за Македонија, за нејзините пребогати културни вредности, за мултикултурниот карактер на една заедница на која понасушта и  била и е културата, творештвото, создавањето и која е токму најголем доказ за постоењето на нациите како културни нации и во услови кога немаат своја држава. Македонскиот културниот суверенитет што се остваруваше и признаваше на тој начин, претходеше на државниот и, слободно може да се рече, отвори пат за негово целосно изразување со осамостојувањето и прогласувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година.

Втората, членството во Претседателството на државата, како нејзин колективен шеф, е продолжување на неговиот животна определба да работи за општото добро и за иднината на Македонија. Тоа беше времето на залезот на системот на реалсоцијализмот и, заедно со него, на почетоците на распадот на југословенската заедница, како иднина што ја насетувавме по низа белези, како што беше зголемувањето на внатрешни социјални тензии (времето на првите работничи штрајкови) или националните нетрпеливости и политички препки на тогашниот југословенски простор. Ни оставаше секогаш силен впечаток внимателноста и мудроста со која Матеја во републичкото Претседателство ги интерпретираше актуелните собитија, меѓурепубличките и меѓународните односи, подложувајќи ги на минуциозна анализа и  на непорекливиот резон не на политичар, туку на творец и културен деец во политиката. Една специфичност што денес е изгубена, а што е од извонредно значење за интегритетот на јавната функција. Неговиот тивок и спокоен говор секогаш доаѓаше на крајот од расправите, и се очекуваше од присутните како доречување на она што кај секого или повеќемината веќе било зачнато, но недоволно јасно формулирано како заклучок.

Токму таквиот негов животен став, способноста да се инсистира на разбирачка и на спокоен расплет и на наизглед најтешките проблеми, за време на неговото претседателствување со МАНУ во 2001-2004година имаа решавачко значење за стишување на политичките страсти и манипулации, развиени околу неа во трагичните настани за македонското општество во 2001 година. Академијата остана и опстојува на цврстите позиции на својата самостојност и отпорност за политички манипулации врз поуката дека нејзината сфера на делување е независна и над сферата на дневно-политичките мени на времето. А колку за животните поуки што ги ширел и шири акад. Матевски, можеме да заклучиме дека за нашето општество е крајно штетен недостатокот и поттурнувањето на мудроста како вредност, денес, во времето на виртуелна реалност, на прелага и најгруб прагматизам. Поведен по лажни вредности, современиот човек нема време за неа, тој однапред има создадена одбојност надолго и нашироко да се задлабочува во егзистенцијалните теми. Се разбира дека таквата ветропиреста филозофија на животот ќе биде платена, и веќе скапо се плаќа, како низ поместените призми на нашите индивидуални животи, така и низ заматената колективна национална и општествена оптика. Кои сме, каде одиме? И никој на акад.Матеја не би смеел да му префрли дека соочен со тешки одлуки, често се решавал за компромис и средно решение, зашто неговата умност не била и не е од еклектички, туку од синтетички вид. Што е и самиот живот ако не медиа виа: помеѓу сонот и јавето, помеѓу ништото и егзистенцијата, помеѓу вчера, денес и утре.

Конечно, нека ми биде дозволено да кажам неколку зборови и за поезијата на акад.Матевски, на што имам право не како естетичар или теоретичар на поезијата, туку како нејзин примач, адресант. Значи, морам да признаам дека неговите дела го заокружија мојот лаички поглед кон поезијата, според кој таа има некоја слоевита структура. Прв слој е изразувањето на чувствата, емоциите, душевноста- експресивна поезија. Втор е изразувањето на мислите за нас и за светот што не опкружува- контемплативна поезија. И трет, највисок и најзамрсен слој е изразувањето на мислите за самата мисла, за самото битие- метафизичка поезија. Не зборувам за естетските карактеристики на кој било од нив, туку за моќта таа да се приближи, барем да го допре недопирливото- човечкото битие, мислата и разумот од кој е тоа исткаено. И да го пренесе својот наод од таквиот потфат на најдиректен начин, многу поефикасен од филозофијата или кој и да е друг облик на мислење за мислата, до примачот, кој го препознава и прима и како утеха за својата спознајна ограниченост и смртна болка и како изгледност за своето спокојно траење. Му благодарам за таквата поддршка, за која не се сомневам дека ја почувствувале сите до кои стасале неговите поетски пораки.

Му  посакувам на акад.Матевски многу здравје и долг живот, зашто се подолга е колоната гладни и жедни што имаат потреба да се најадат и напојат од неговата богата трпеза на човечноста, љубовта и мудроста!   

 Manu.Matea.jpg

   Manu.Matea.jpg

 Manu.Matea.jpg

 Manu.Matea.jpg

 14-ти март, лето Господово 2014

 Manu.Matea.jpg

ПП.