Среда, 11 Декември 2013 14:17

015_monografija_a320

„Македонија - милениумски културно-историски факти“ е монументална енциклопедиска едиција со високо научно и културолошко значење која дава академски конзистентна слика за развојот на македонската цивилизација од праисториската доба сé до почетокот на 21 век.

Ова беше истакнато на денешната промоција на четиритомната едиција во издание на „Медиа Принт Македонија“ и Универзитетот „Евро Балкан“, а под покровителство на Фондацијата „Илија Камчев“.

08_monografija_640

На промоцијата се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која подвлече дека едицијата е сериозна и аргументирана анализа на историските, културните и уметничките карактеристики на Македонија, на нејзината археолошка стратиграфија, на духовното наследство и на нејзиниот милениумски цивилизациски развој.

- Монографијата е синтеза на сето она што го поседуваме и таа говори за физичката и духовната култура на македонскиот народ - рече Канческа-Милевска.

Таа подвлече дека оваа иницијатива, која уште на почетокот беше поддржана од Министерството за култура, денеска е монументален документ за врвните цивилизациски творби на човекот од македонското поднебје и сведоштво за идните генерации кои токму од наследството треба да црпат чувство на припадност и идентитет.

- Во четирите одделни тома (праисториската епоха, античкиот период, средновековието, османлиската ера и модерното време) е прикажана широката патека на културата на Македонија и неодминливите богатства на нашата земја: неолитскиот Адам од Говрлево, охридската Златна маска, грацилната хеленистичка скулптура на божицата Изида од Охрид, раскошните доцноантички мозаични панорами од Хераклеја Линкестис, импресивниот портрет на свети Климент од црквата „Св. Богородица Перивлепта“, хуманистичкиот фреско-ораториум насликан во црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези, живописната Шарена џамија во Тетово, прикажани се херојските ликови на македонската револуционерна борба и уште илјадници ликови на востаници и дејци кои го трасираа патот до сонот кој денес го живееме – самостојна и независна Република Македонија - истакна министерката за култура.

Еден од промоторите на монографијата, проф. д-р Елизабета Димитрова, која е и еден од авторите, подвлече дека изданието е заеднички авторски труд на 26 автори, еминентни истражувачи во повеќе научни области кои создадоа дело без предрасуди и дилеми, без замки и погрешни интерпретации, без провокации и дубиози, без субјективизам и фикции.

- Херои и предавници, маченици и освојувачи, кралеви и војводи, поети и сонувачи, сите тие имаат свое место во научно-истражувачкиот есеј во четири тома наречен „Македонија - милениумски културно-историски факти“ - посочи, меѓу другото, Димитрова.

Срѓан Керим истана дека ова драгоцено издание ќе доживее и превод на англиски јазик за да биде достапно и надвор од границите на Република Македонија, а за сите љубители на книгата ќе биде достапно по популарна цена.

Покровителот Јордан Камчев и Фондацијата „Илија Камчев“, со овој проект,  дава значаен придонес во градењето на културата на македонскиот народ, изразување почит кон предците и подарок на идните поколенија.

Едицијата на 2.540 страници ја валоризира македонската историја, цивилизација и култура и е збогатена со многубројни фотографии од обемното културно-историско наследство.

 

Извор: Министерство за култура на Р.Македонија