Прва книга со фактографска поезија „111 Клерихју“ од Славомир Маринковиќ беше промовирана вчера во Младинскиот културен центар. Книгата ја објави „Тримакс“, а во неа се објавени 111 песни што им се посветени на исто толку наши писатели, поети, актери, музичари, композитори, балетски уметници, оперски изведувачи, ликовни автори, скулптори. За делото на Маринковиќ зборуваа Оливера Ќорвезироска и Васил Тоциновски, а стихови читаше актерката Снежана Стамеска.

- „111 Клерихју“ е стихозбирка со која во македонскиот поетски јазик влегува нова книжевна форма. Фактот сега има нова точка на гледање. Со делото се покажува дека не мора да се излезе од прецизните податоци и факти за да се креира уметничка творба за нечиј живот - рече Ќорвезироска. Авторот Тоциновски, пак, делото го нарече лирска историја. - Книгата на Маринковиќ е нова лирска историја. Авторот преку стиховите се обидел да ги допре препознатливите, единствените и неповторливите личности и преку нив да го означи тоа што било и е вредно во нашето секојдневје и култура - рече Тоциновски. Маринковиќ за своето дело истакна дека е лирско гледање и презентирање на тоа што го доживеал и видел во минатите 40 години. Во книгата, меѓу другото, се поместени стихови за Блаже Конески, Ненад Стојановски, Александар Џамбазов, Калиопи, Кирил Македонски, Вангел Наумовски, Пеце Атанасовски, Тоше Проески, Кочо Рацин, Јован Павловски. „111 Клерихју“ е именувана според Едмунд Клерихју, англиски поет што прв во светот почнал да пишува фактографска поезија, во која стиховите им ги посветувал на познати уметници, автори, артисти, изведувачи.

(Т.О.)