МАКЕДОНИЈА ВИА БЕРЛИН



Поезија на македонски јазик за прв пат е објавена на една од најактуелните и најчитани меѓународни поетски интернет-страници "Лириклајн". На тој начин, нашиот јазик се најде во семејството од 48 јазици, колку што досега се објавени на овој сајт.

Во првиот бран на објавување македонските поети, застапени се Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Катица Ќулавкова и Ефтим Клетников. Нашите поети се презентирани со десет свои песни на македонски и германски јазик, кратка биографија на англиски јазик, комплетна поетска библиографија и факти за освоените награди.

Една од главните карактеристики што го одвојува овој светски поетски портал од останатите, е тоа што сите застапени автори ги читаат своите десет песни на оригиналниот јазик на кој се напишани. Така, освен читањата на македонските автори, оваа страница нуди можност да се чујат и гласовите на Јејтс, Ферлингети, Ненси Морехон, Исмаил Кадаре, Дерек Волкот, Ингеборг Бахман, Милош Црњански, Махмуд Дарвиш, Енцесбергер, Сјон и многу други.

Иницијатор за ова меѓународно претставување на македонската поезија и координатор на "Лириклајн" за Македонија е Никола Маџиров. Аудио продукцијата е направена во соработка со МИМ. Сајтот е: www.lyrikline.org.

Лириклајн е една од најдобро организираните светски поетски мрежи и за своите континуирани активности има добиено важни награди со европски и светски предзнак. Како поддржувач на овој проект се јавува и УНЕСКО. Еднаш годишно во седиштето на организацијата во Берлин, се организира конференција на сите светски координатори на оваа поетска мрежа.