News image


Промовирани првите дела од проектот „Македонски искушенија”
Среда, 15 Мај 2013 14:49


Промовирани првите  8 дела од едицијата „Македонски искушенија“ кои произлегоа од документарните филмови за значајни личности и настани од македонскта историја емитувани на Македонската радио телевизија.

Изразувајќи го своето задоволство од нагорниот тренд во областа на литературната и издавачката дејност кај нас, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека проектот е во насока на збогатување на македонската научна мисла низ верифицирани факти, аргументи и толкувања, кои говорат за долгата историја на македонската борба за државност и самостојност.

- Наша цел беше  преку документарните филмови и преку оваа едиција  граѓаните на Република Македонија да можат да стекнат многубројни сознанија за познатите и непознатите предели од нашето минато, за најзначајните појави и процеси во поновата историја на Македонија, за борбениот код на македонскиот народ и  неговата револуционерна и духовна сила во остварувањето на државотворните цели.

 Канческа Милевска нагласи дека овие вредни изданија се авторски труд на многу еминентни македонски професори, историчари и проучувачи на македонската историја, експерти кои својот професионален ангажман и работен век го вложија во истражување на минатото на нашиот народ, на неговиот трнлив пат кон достигањето на слободата, државноста и суверенитетот и воедно им се заблагодари за нивниот придонес во реализацијата на оваа комплексна содржина.

 На крајот од своето обраќање министерката за култура изрази благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски,  за  поддршката на сите овие иницијативи со кои се збогатува македонскиот книжевен и историски корпус и се афирмираат значајни личности и настани кои оставиле неизбришлива трага во повеќеслојната македонска историја.

Промовираните историски книги во прилог содржат и ДВД-изданија со документарните филмови.


Извор: Министерсво за култура