stojance.jpg   stojance1.jpg


Стојанче Андов е роден на 4.3.1991 год. во Кочани. До петто одделение учел во Кочани, во основното училиште „Малина Попиванова". Потоа дошол во Скопје, каде што престојувл во детскиот дом  „11. Октомври" и продолил шесто одделение во училиштето „Кочо Рацин".
Со самото доаѓање во Скопје почнала да го привлекува љубовта кон Црквата, т.е. кон Исуса Христа, така што активно учествувал на светите богослужби. Подоцна исто така учествувал, односно е извидник, каде што добил диплома за редовно учество. Во седмо одделение патувал за Бугарија, каде што учествувал на еден Балкански фестивал.


stojance2.jpgУште со првиот чекор во Светата Црква, тој оди на веронаука во Соборниот храм „Св. Климент Охридски". Настапувал на многу духовни академии, земајќи активно учество. Притоа на една света богослужба на празникот на соборот на свети Јован Крстител, во истоимениот храм во Капиштец, во 2006 година е прозведен во чин чтец од неговото блаженство, г. г. Стефан.
Сега тој е средношколец во III година при Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски" во Скопје.
Поттикот за пишување, односно неговата инспирацпја ја зема главно од Христа Кој што е негов патеводител во животот.
„Ќе Те славам вечно Господи" е негова прва книга со збирка од песни. Целиот овој труд е благодарение на промислата Божја, односно неговото активно учество во Светата Црква Христова.

Христос како вечна „муза" на поезијата

За поезијата е значајно да не се исцрпи со првото нејзино пиење/читање, да не можете да го досегнете дното на полната чаша и веднаш потоа да ја заборавите нејзината содржина/срцевина. За поезијата е значајно да е полна со недореченост и истовремено способна да задржи во тихо и немо созерцание, произлезено од копнежот на меѓуредието, меѓузборието. За поезијата е значајно да наитува неочекувано и продира длабоко, немо да беседи со срцевината на душата. Се разбира, сите овие нешта се карактермстики на врвната поезија, но затоа радува кога дел од нив ќе сретнете уште на самиот почеток од поетскиот пат на некој автор. Затоа најтопло го повикувам читателот во своето срце да остави место за беседа со поетиката на авторот чиј што првенец го држи во рацете.

Би рекол дека книгата на младиот поет Стојанче Андов „Ќе Те славам вечно Господи“ содржи два вида песни: песни кои комуницираат со долгата традиција на стихотворење на православниот дух, особено молитвената, и кои упатуваат на толку потребната рекапитулација и постојано претолкување на настаните-граничници суштествени за нашето живеење во Христа и песни кои се еден вид лични исповеди на авторот, лични доживувања и насетувања, во кои нашиот поет е особено блескав. И двата вида песни се длабоко комуникативни со читателот: првите како воспитателни/хранливи источници/ризници на созерцателно знаење за милиот ни Христос и Пресветата Троица и содржината на нашата вера, а вторите како споредби/сообразби на нашиот личен христијански живот и подвиг. Се чини дека овие две нешта го зацртуваат патот на една својствена поетика, која, навистина, има потреба од понатамошно доизградување, но - што е уште поважно - го антиципира и просторот за таквата градба: се наоѓа близу до плодовите од ученикувањето во поетскиот израз и ја содржи потребната полнокрвност и автентична смелост на словото/зборот. На тој начин, станува возможно натамошното истражување на неистражливото, како зацртан правец на даденава поетика, зашто што друго би значеле зборовите на авторот, Кој Го прогласува Господ Христос за вечна „муза" на неговата поезија.

Презвитер Игор Калпаковски

ИЗВАДОК:

Што си Ти?

Непресушен бунар од кој сите црпиме
Христе си Ти.
Цвет со три еднакви лисја
Троица Света си Ти.
Кандило од коешто сите палиме
Сонце си Ти.
Чашата со која ќе се спасиме
Јагне си Ти.
Лебот од којшто никогаш не огладнуваме
Жртва си Ти.
Темјан што мириса на чистота
Беспрекорен си Ти.
Проповедник на Евангелието на правдата
Синот Божји си Ти.
Висока Лествица за праведните
Спасе си Ти.
Столб огнен од небото
Избавителу си Ти.
Одмор на оние што се изморени
Жива вода си Ти.
Ѕвезда што непрестајно свети
Човечка природа си Ти.
Нема збор со кој може да Те наречеме
Христе Исусе си Ти.

Молитва

Отвори ги вратите Твои
и воведи ме преку нив.
Како што мајката Божја влезе
во храмот, удостој ме да влезам.
Удостој ме да застанам пред Тебе
и да Ти се поклонам.
Да Те славам и јас како што
Те слават угодниците Твои.
Величание Тебе да ти напишам
и да те фалам насекаде.
Те величам Господи и
Твојата слава јас ја славам.
Во светата Црква Твоја
пофални слова Ти пеам.
Ние луѓето Те фалиме на земјата,
а ангелите на небесата.
На Тебе се радува
целиот небесен и земен свет.
Ништо не вреди ако сум
христијанин само на збор.
Ако јас не заживеам со Тебе
се друго ми е залудно.
Секоја Твоја љубов кон нас
во нас буди голема ревност.
Во секој еден од нас има мал жар
а ние треба да го разгориме.
Обдари не со Твојата мудрост
нас кои умилно ти се молиме.
Знам дека Ти си секогаш со нас
и во добро и во лошо.
Зацврсти го мојот слаб
и грешен дух.
Закрилата Твоја ја барам Боже
и Тебе те молам,
биди секогаш со мене грешниот.
О, сило моја, само Ти ги знаеш
моите слабости и само Ти можеш
да ме избавиш од нечистиот.