Со куферчиња со пари во потрага по уметност

Приказната од прва рака ја раскажува Драган Бошнакоски, внук на Лазар Личеноски, еден од основоположниците на македонската современа уметност


Националната галерија има извонредно вредни дела од цела поранешна Југославија

Тројца македонски уметници со куферчиња преполни со пари пред шеесет години тргнале на долг пат низ Југославија. Добиле задача од првите луѓе во државата да купат уметнички дела од врвни автори за новоформираната институција во Скопје. Националната галерија отворена во Даут-пашин амам во 1948 година како Уметничка галерија „Скопје“. Следната недела во истиот објект ќе го прослави 60-тиот роденден како Национална галерија на Македонија.Приказната ја раскажува Драган Бошнакоски, кој во три мандати раководел со Галеријата, од 1987 до 1999 година. Информациите се, што се вели, од прва рака. Ги слушал лично од вујко си, Лазар Личеноски, еден од основоположниците, легенда во македонската современа уметност.

- Мојата мајка му беше сестра. Пораснав во неговото ателје, му помагав во се'. Грундирав платно, правев рамки, затегнував платна. Тој беше голем муабетчија. Така имав можност да следам многу работи - вели Бошнакоски.Работата на Уметничката галерија ја следел уште од 1949 година, кога веќе бил запишан во Средното уметничко училиште. Завршил Академија за применета уметност, отсек внатрешна архитектура.

ИЗЛОЖБА НА ХЕНРИ МУР

Во новата галерија се случувале разни настани од областа на ликовната уметност, но најчести биле изложбите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.  Во тоа време ДЛУМ немаше многу членови. Скоро сите се уметници од првата генерација, кои ги нарекуваме основоположници на македонската современа уметност. Во тоа време се отвораа само групни изложби. Се правеше се' за да не се истакне личноста. Индивидуални изложби на наши уметници не се организираа. Прва авторска изложба беше отворена во 1954 година, во мај, на Лазар Личеноски - раскажува Бошнакоски.Прв директор на галеријата бил уметникот Борко Лазески. Го наследил доајенот Никола Мартиноски, кој раководел со Галеријата до својата смрт, во 1973 година.Уметничката галерија не била отворена само за случувањата во македонската ликовна уметност, туку и за странските автори.

- Две изложби ми останаа во сеќавање и никогаш нема да ги заборавам. Тоа беше изложбата на современата француска ликовна уметност, во 1953 година, и изложбата на Хенри Мур, отворена во 1955 година. Во тој период Хенри Мур беше светска појава, кој донесе многу новини во современата ликовна уметност. Тој направи пресврт и изврши големо влијание врз наши уметници. Тој беше причината што Петар Хаџи Бошков замина на постдипломски студии во неговото ателје во Англија - објаснува Бошнакоски.

ТРИТЕ КУФЕРЧИЊА

Тројцата уметници со куферчињата отишле во Сплит за да купат дело од познатиот скулптор Иван Мештровиќ.

- Отишле нашиве да го откупат портретот од девојката. Таа не сака да чуе да ја продаде! Кога и' ја понудиле сумата, и' се свртел умот и веднаш ја дала. И ден-денес портретот е во Галеријата - раскажува Бошнакоски.За него една анегдота е особено значајна во врска со распаѓањето на Југославија.

- Љубљана беше еден од градовите што ги посетија луѓето со куферчињата. Меѓу двете светски војни Личеноски живееше во Белград и се познаваше со многу уметници од цела Југославија. Во меѓувреме се смениле адресите. Луѓето со куферчињата не можеле да го најдат уметникот, па отишле кај директорот на Заводот за заштита на споменици во Љубљана, да бараат адреса од познатиот словенечки уметник. Директорот прашал: „Зошто ви е тој? Што сте се подбрале дури од Македонија за да го барате него? Па... да купиме слика. Немаме слики за извоз!“, рекол директорот.Бошнакоски ја завршува приказната:  Не останал уште долго директор на Заводот, но уште во тоа време „црвот почнал да јаде“.


ИНФО-Галеријата во амамот

Даут-пашиниот амам бил напуштен објект, споменик на исламската архитектура од втората половина на 15 век. Преданијата велат дека само што бил отворен, амамот веднаш бил затворен. „Била исечена цела шума на Водно, но не успеале да го загреат“, кажува приказната.По војната уметниците Личеноски, Мартиновски и Димче Коцо го избрале Даут-пашиниот амам, кој тогаш бил складиште на градежни материјали. Државата „пуштила“ пари да се направи првата адаптација, која (генерално) е задржана до денес.

Весна Ивановска- Дневник
Фото Маја Златевска