ПРОМОЦИЈА НА КУЛТУРНИТЕ БОГАТСТВА ВО ЕВРОПА

Наши икони во Холандија, Рембрант во Македонија

Околу 120 икони од Македонија, фрагменти од фрески, археолошки предмети од праисторијата, од хеленистичкиот и од римскиот период и теракотни икони ќе бидат изложени во музеј во Холандија, во 2010 година


Македонски репрезентативни икони во музејот во Утрехт ,Автопортрет на големиот уметник Рембрант

Околу 120 икони од Македонија, фрагменти од фрески, археолошки предмети од праисторијата, хеленистичкиот и од римскиот период и теракотни икони ќе бидат изложени во Холандија во 2010 година. За возврат, македонската публика ќе има можност да види изложба на дела од Рембрант ван Ријн, неприкосновениот мајстор на уметноста на 17 век. Деталите околу изложбите вчера ги договараа министерската за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на музејот „Катарајнеконвент“ во Утрехт, Хус ван ден Хаут и главниот куратор Саскија ван Харн. Утврдено е дека ќе бидат претставени икони, вредни литургиски предмети, облека, резби, записи и теракотни икони.

- Целта на изложбата е да се претстават религиозните уметнички културни богатства од Македонија кои никогаш досега не биле изложени во Холандија - велат од Министерството за култура.На двете изложби ќе бидат претставени оригинални дела. Музејот „Катарајнеконвент“ има традиција во излагањето икони. Сместен е во средновековен манастир од 15 век. Во него се изложени околу 80.000 експонати од 6 и 7 век. Гостите од Холандија објаснуваат како се развила идејата за отворање на изложбата.

- Традиционално отвораме изложби во соработка со многу земји од источна Европа, со Русија, Полска, Романија, Бугарија. Некој од соработниците еднаш спомна дека има прекрасна уметност во Македонија, која ретко кој ја видел, но дека е најдоброто што можете да го најдете во овој дел од Европа - вели Ван ден Хаут.

ОДУШЕВЕНИ ОД АРТЕФАКТИТЕ

Решиле да проверат што има тука. Дошле во април и се сретнале со министерката за култура и со претставници на неколку музеи. Тоа што го видовме беше толку импресивно, толку убаво, па решивме да направиме изложба - вели Ван ден Хаут.Првенствено дошле за иконите, зашто и' се најблиски на холандската публика. Импресионирани од теракотните икони за кои не знаеле дека постојат, од археолошките откритија и резбите, измешаната култура на Македонија, решиле да ја прошират изложбата.

- Ќе се обидеме да ја раскажеме целата приказна, за да прикажеме дека Македонија била многу важна крстосница на култури. Секоја од нив оставила нешто во оваа земја - вели Ван ден Хаут.За возврат, договорено е во 2010 или во 2011 година во Музејот на Македонија да биде отворена изложба на дела од Рембрант.

- Во Холандија ќе претставиме икони зашто холандската публика многу ги сака и ги цени. Се надевам дека македонската публика ќе биде задоволна ако види слики од Рембрант зашто тоа е име што сите го знаат. Освен тоа, таква изложба досега не била организирана во Македонија. Тоа е златното време на 17 век во Холандија и најдоброто време во нашата историја кое би сакале да го презентираме - вели Ван ден Хаут.

МЕДИУМСКА ПОДДРШКА

Соработката со Холандија нема да почне и да заврши со реализацијата на двете изложби. Двете земји ќе работат на полето на културното наследство, преку организираната мрежа на соработка со помош на амбасадите во двете земји.Кураторот Ван Харн вели дека оваа изложба е одлична можност за промоција на нашата земја. За неа, ова е само почеток на соработката.

- На изложбата ќе се продаваат предмети од Македонија во продавницата за уметнички дела, ќе има концерти со македонска музика, ќе ја претставиме македонската кујна. Ќе се одржуваат предавања, ќе организираме туристички патувања во Македонија. Навистина имаме огромен простор и многу начини за соработка - вели Ван Харн.

Гостите од Холандија вчера попладне заминаа во Охрид. Таму ќе продолжат да ги договараат деталите околу изложбата. Во април повторно ќе дојдат во земјава, заедно со голема медиумска екипа од Холандија. Новинарите ќе престојуваат два-три дена за да ја запознаат земјава, да ги видат делата и да пишуваат текстови за Македонија со кои ќе почне најавата за големата манифестација што ќе се случи кон крајот на 2010 година.

ИНФО-Домаќини на најголемиот уметник

Изложбата на икони е прво комплексно претставување на македонското културно наследство во Холандија.Досега во Македонија не било изложено ниту едно дело од Рембрант.Со оваа изложба Македонија влегува во мапата на земји каде што е претставено творештвото на еден од најголемите уметници во светот.

Весна Ивановска- Дневник