Дванаесетмина уметници од земјава и од регионот задутре ќе почнат да го овековечуваат Охрид и неговата околина во рамките на втората регионална ликовна колонија „Балкан спирит“, што ќе се одржи во хотелите „Метропол“ и „Белви“. Иницијативата, што почна лани, која се стремеше да прерасне во голема регионална манифестација на која ќе се дружат и уметност ќе создаваат автори од сите земји на Балканот, и годинава се одржува на исто место како лани, иако основната идеја беше секоја година да се одржува во друга земја од Балканот. Причина за тоа, вели Климе Коробар, претседател на Асоцијацијата за култура „ИКОН“, е што Министерството за култура ниту лани ниту годинава не застанало зад колонијата. Асоцијацијата, заедно со Фондацијата за стратегиски истражувања „Киро Глигоров“, ја организираат колонијата.Глигоров, прв претседател на Република Македонија, се наврати на значењето на Охрид во формирањето на балканската и на евроазиската историја и култура. Тој рече дека цел на колонијата е да се промени сликата за Балканот, кој светот најчесто го доживува како место на конфликти и несогласувања. Промената на сликата за Балканот е од интерес на сите балкански земји. Тука нема место за спорови што се базираат на минатото. Сите заедно ја претставуваме нашата слика пред Европа - реч Глигоров на вчерашната прес-конференција.Коробар рече дека балканските земји со векови ја хранат европската и светската култура. Духовните вредности секогаш биле големи на Балканот и ги надминуваат недоразбирањата. Балканот не е место на судири, туку центар на голема духовна енергија - рече Коробар.Годинашната ликовна колонија ќе трае до 6 јули. На неа уметнички дела ќе создаваат нашите уметници Димитар Малиданов, Васко Ташковски, Данчо Кал’чев, Нехат Беќири, Коста Качев и Симон Апостолски, Станислав Памукчиев и Љубомир Пенов од Бугарија, Михајло Јовичевиќ од Црна Гора, Шакир Весели од Албанија, Жарко Џак од Србија и Бернхард Холеман, редовниот гостин од Австрија. Отворениот ден на колонијата годинава ќе се одржува во Вевчани. На редовните учесници ќе им се придружат Емил Шулајковски, Башким Керими, Сергеј Андреевски и Дик Робертс од САД, а ќе гостуваат и минатогодишните учесници на колонијата, Павле Кузманоски, Владимир Георгиевски и Глигор Чемерски.

(В.И.)