НАЦИОНАЛНАТА ЛИКОВНА УМЕТНОСТ ВО ФРАНЦИЈА
Париските галеристи бараат дела од македонски уметници
„Време“


Понуди за индивидуални претставувања во париските галерии и интерес за купување на делата на македонските уметници предизвика најобемното претставување на нашите ликовни дострели во Париз, во рамките на проектот „107 македонски уметници во Париз“, со воодушевување говорат од ДЛУМ. - Многу сме задоволни од приемот на француската публика и од начинот на кој течеше отворањето. Оваа изложба е голем чекор напред на културно поле за Македонија. Преговорите за индивидуални изложби се во тек, многумина сакаа да купат по некое дело, меѓутоа тие не се донесени во Париз за продажба. Ние им дадовме контакти со уметниците за понатаму да можат да комуницираат за какви било ангажмани - вели Тања Балаќ, претседател на најголемото здружение на ликовни уметници во Македонија.

Балаќ изјави дека на отворањето на изложбата, на четиринаесетти мај во галеријата „Сите дес ар“ во Париз, покрај големиот број посетители кои постојано доаѓале на изложбата, присутни биле и високи претставници од Париз, голем број интелектуалци од француските културно-уметнички кругови, претставници од јапонскиот културен центар, а отворањето го извршија Јон Ивановски, амбасадорот на Македонија во Франција и поранешниот амбасадор, Јордан Плевнеш. На колумната на македонскиот уметник Коле Манев за „Време“, во која тој го критикува Министерството за култура поради тоа што ниту еден нивен претставник не бил присутен во Париз за да ја потврди културна стратегија на земјава за промовирање на нашата уметност надвор, Балаќ вели дека Министерството за култура дало својата поддршка, но изрази незадоволство од односот на нашата амбасада во Париз, која требало со поголема помпа и реклама да го најави претставувањето. - Можеле повеќе да направат за поголема промоција на изложбата, на крајот, тие поради тоа се таму! Но имавме среќа, дојдоа многу луѓе и многу сме задоволни, дури и повеќе од тоа. Да се наполнат седум изложбени сали во центарот на еден велеуметнички град како Париз, тоа е грандиозно!- додаде Балаќ.

Таа раскажа дека особен интерес предизвикал документарниот филм за Македонија снимен по сценарио на Јордан Плевнеш, а во режија на Иван Митески во 1995 година, кој постојано се прикажува на крајот на изложбените сали на „Сите дес ар“. - Откако посетителите ќе завршат со разгледувањето на постановката, седнуваат и го гледаат филмот. Многумина восхитено зборуваа за своите импресии од филмот - вели Балаќ. Документарецот се вика „Македонија, книга на живите. Пјер Беарн и Македонија“. Во него францускиот поет Пјер Беарн, кој почина во 2004 година кога имаше 102 години, раскажува за македонската историја од антиката до денес. - Филмот се снимаше од 1993 година до 1995 година и тогаш премиерно се прикажа во Париз и беше дочекан со восхит од светската јавност. Потоа се прикажуваше на многу фестивали кои го третираат поврзувањето на книжевноста и историјата во филмот. И одлично е тоа што после толку години успешно си ја врши својата цел, на документаристички начин ја изразува убавината на нашата земја - вели македонскиот писател Јордан Плевнеш, кој долги години живее во Париз. Изложбата ќе трае до први јуни, а потоа делата, обвиени со париски шмек, се враќаат во нивната татковина.