Изложба на уметникот Драги Хаџи Николов е отворена во ликовниот салон на Музејот на градот Неготино, во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“



За Драгица Чекорова, виш кустос-етнолог во тамошниот музеј, сликарството на Хаџи Николов е еден вид сакрализација на минатото.
- Неговата митска претстава, затскриена зад навевите на шаренилото на еден рустикален декор од неговите платна, ги раскажува етноприказните за некои неповратни времиња од минатото, кога постоеле поголема близина и сродност меѓу човекот и неговото опкружување, човекот и неговиот дом и предметите што биле плод на неговите раце - рече Чекорова на отворањето на изложбата.
Според неа, уметникот со упорност и посветеност ги слика замислените ентериери на некогашните македонски куќи и полици на кои ги реди предметите што го сочинуваат тајното јадро на домот.
- Посегнувајќи кон тие предмети, тој од нив се обидува да ја црпи првобитната енергија на почетоците, животворната сила што останала во нив - рече Чекорова.                                  
      
Автор: Ми.М.

Извор: Нова Македонија