Традиционалната интернационална Ликовна колонија Галичник, својата овогодишна, 24-та по ред, сесија ќе ја одржи од 15 до 22 август. На неа ќе земат учество 8-мина уметници од повеќе земји и тоа: Криси Бароус - Велика Британија, Маурин Бахаус - Холандија, Дујгу Сезгин - Турција, Викенти Комитски - Бугарија, Фиторе Исуфи-Која и Куштрим Зекири од Косово и групата ОПА (Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа) од Македонија,  Сите учесници се млади современи креативци, дел од нив со веќе богати биографии и со исклучителна афирмираност во земјите од каде доаѓаат и пошироко, а другите се во значаен подем, освојувајќи ја најрецентната локална и Европска визуелна сцена. Медиумите во кои тие креативно се изразуваа се во согласност со новата медиумска определба на Ликовната колонија Галичник при изборот на уметниците, а тоа се новите и дигитални медиуми како видеа, фотографии, дигитална графика, дигитални и звучни инсталации и слично. Очекуваме и убедени сме, дека и овогодишната креативна средба, како и сите досега, факт кој на многу наврати е докажан од страна на стручната фела, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични ремек дела.

Ликовната колонија Галичник отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори. Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, л'арт поур л'арт  оправданост во импресионистичкиот манир, туку една современа форма на промоција на уметноста, која ќе овозможи квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација која ќе овозможи суштински контакти клучни во создавање на уметничко умрежување кое пак од друга страна е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот. Изминативе 24 години сите активности на Ликовната колонија Галичник ја докажаа оправданоста за опстојувањето на оваа манифестација, а секако и единственоста, т.е. уникатноста на оваа резиденција. Таа е веќе препознатлива визуелно-уметничка активност на светската арт мапа.



Искрено и со почит,

Ана Франговска,
уметнички раководител