Делата на големиот Хенри Мур во МСУ


Пред љубителите на уметноста ќе бидат претставени 80 графики (бакрописи и литографии) и шест скулптури-минијатури на Мур од збирката на Британскиот совет


Македонската јавност од 18 април до 31 мај ќе има ретка можност на едно место да ги види делата на великанот на британската современа уметност Хенри Мур. Во галеријата на Музејот на современа уметност во Скопје ќе биде отворена патувачката изложба "Хенри Мур: Графичарот", која директно од Лондон ќе пристигне во Македонија, по што ќе продолжи и во другите држави во регионот. Пред љубителите на уметноста ќе бидат претставени 80 графики (бакрописи и литографии) и шест скулптури-минијатури на Мур (1898-1986) од збирката на Британскиот совет.
"Во 1984 година Хенри Мур му подари повеќе од 200 графики на Британскиот совет по повод неговото педесетгодишно постоење. Делата се создадени во периодот 1949 до 1983 година, а ги вклучуваат најпопуларните теми на овој голем уметник, "Мајка и дете" и "Легната фигура". Изборот на 80 графики од збирката на Британскиот совет е направен од Дејвид Мичинсон, поранешен раководител на збирките и изложбите на Фондацијата "Хенри Мур", истакна Елеонора Запрова, директор на Британскиот совет во Македонија.

На 19 април (19 часот), Мичинсон ќе одржи и предавање на тема "Работејќи со Хенри Мур". Од 24 април, пак, до 23 мај секоја среда од 19 до 20 часот, ќе има и филмска проекција на документарниот филм "Уметноста на Хенри Мур". Едукативниот центар на Музејот на учениците од основните училишта ќе им понуди едукативни работилници.

"Настанот е од огромно значење и претставува продолжување на соработката со Британскиот совет по минатогодишната изложба "Прагови" во МСУ, на која беа претставени 73 дела на автори од Велика Британија. Ја сметаме изложбата како подарок за сите љубители на уметноста во Македонија", истакна и Елиза Шулевска, директор на МСУ. Влезот на изложбата ќе биде слободен.  (Вечер)