МОНОГРАФИЈА И ИЗЛОЖБА ВО МАТИЦА ЕКСКЛУЗИВ


Коле Манев - сликар на човечката болка и неспокој


"Преку скриените погледи, разголените тела, потемнети и натопени со горчина во душите, ликовите на Коле Манев ги упатуваат своите силни пораки", меѓудругото истакна во своето претставување на авторот, академикот Раде Силјан


"Животот на откорнатиците, на луѓето раштркани низ светот, духовно осакатени, во кои копка немирот по детството и по згаснатото родно огниште. Оттука и нагласениот неспокој и тага во очите на неговите ликови, оставени на крстопатот во осамата на ноќта да водат дијалог честопати со долгата и траорна тишина", истакна академикот Раде Силјан во својот осврт на творештвото на нашиот еминентен сликар Коле Манев, чија што изложба беше отворена вчера во просториите на центарот Матица ексклузив". Голем број академици и љубители на уметноста не само што имаа можност да ја проследат изложбата составена од 29 дела создадени во изминатите седум месеци, туку и да дознаат повеќе за животот и делото на Манев преку монографијата посветена на неговото богато творештво, објавена на македонски, француски и на англиски јазик.

"Овие слики се создавани во Лазарополе, каде престојував еден поголем период од годината. И овој пат темата е иста - човекот, со тоа што има значителни измени во однос на колоритот кој е подинамичен и цртежот кој е полежерен. Во најголем дел од сликите е помалку присутна поранешна атмосфера со драматика, сивило и неспокој", истакнува Манев, сестран уметник кој, како што вели, не го заборава и филмското творештво. Манев работел и како режисер на анимирани и документарни филмови, а има напишано и повеќе сценарија.

Коле Манев (1941) е предводник на големата и значајна група на македонски сликари, прогонети од своите родни огништа во Егејската Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1948 година. Се школувал во Скопје и Белград, бил на студиски престој во Париз, а во Прага посетувал предавања за анимиран филм. Имал повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, Франција и во земјите од регионот. Авторот е добитник и на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство.

"Преку скриените погледи, разголените тела, потемнети и натопени со горчина во душите, ликовите на Коле Манев ги упатуваат своите силни пораки", меѓудругото истакна во својот говор за авторот, академикот Силјан, кој додаде дека Манев е ценет и како портретист и автор на пејзажи и мртва природа.

Изложбата во "Матица ексклузив" каде што може да се набави и монографијата на авторот ќе биде отворена до 30 ноември.

(Д.Т.)
Фото:Н. Батев