„Кучевишки манастир „Свети Архангели’


Ангелите се симнуваат од Скопска Црна Гора
Уште еден труд што ни го приближува нашето минато: „Кучевишки манастир „Свети Архангели’" на Анета Серафимова

Книгата докажува дека меѓу поствизантиските уметници има врвни продолжувачи на традицијата
Љубомир Костовски



Оние што не загинале од ордите на Атила, бегале од Скупи кон северните гори. Подоцна се бегало од Аварите и од Печенезите, Узите, Норманите или Куманите - вака го објаснува Славко Јаневски посебното значење на Скопска Црна Гора за населбите во подножјето, за старите Скопјани пред се. Таму, во ранословенско доба се населило племето Берзи ,"од временските глобочини, да дрти и да гние, да живее под сенката на смртта, да гровта и да пее". Луѓето од имагинарното писателово Кукулино, сепак сместено во многу реални географски коодинати на Скопска ЦрнаГора, имале секакви господари - византискиот окопиец Василиј Вториот, нормандскиот војвода Бемунд, кесарот Стеван Немања, бугарскиот владетел Калојан, кесарот Милутин…

За сите тие владетели несомнено дека јужните падини на шумовитата и водоносна Гора биле богоугодно место каде требало да никне цела колонија на христијански светлишта, да не ни биде замерено - како своевиден пандан на солунската Света Гора, до која сепак требале "сто сомуна за да се стигне". Едно од тие светилишта - манстирот "Свети Архангели" е оној со кого со години била преокупирана нашата соговорничка Анета Серафимова, инаку наш млад научник - доцент на Институтот за Историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет. Нејзина специјалност се историјата на византиската уметност и историјата на уметноста на Македонија од 15. до 19. век.

Манастирот посветен на Светите архангели Гаврил и Михаил се наоаѓа близу до селото Кучевиште, на само 15 километри северозападно од Скопје. Околината сосема прилега на името на Гората - наокулу има густата црна шума, која според Серафимова, изгледа најидилично напролет, кога се топат снеговите и се претвораат во брзаци што во месноста Глава ја создаваат Кучевишката река. Таа, понирајќи токму над манастирот, ја озвучува планината со екот на кучешки лаежи, запишала Серафимова. Наеднаш, сосема спокојно, реката се појавува под манастирот како да извира од глинената земјата. Местото е наречено Благоец или Ротка и во локалните приказни носи благослов за пород и семејна радост. Ова е само една од сказните што со оваа книга се симнуваат кон нас од блиските падини, оставени на заборавот на градската врева.

Писателската имагинација на Јаневски, да се вратиме за миг на неа, кажува дека Кучевиште пак го добио името заради тоа што во ранохристијански времиња, кога локалното население одбивало да се покрсти, верно на богот Перун, на еден крст бил распнат пес, со цел да се искаже отпорот кон новата религија. "Отаде реката Давидица, тогаш Скупица" - појаснува Јаневски во "Кучешко распетие". Христијаните потоа се одмаздиле и распнале селанец на крст. Песот и кукулинецот гниеле на сонцето неколку дни, потоа ги снемало. Воскреснале. Оттаму и името Кучевиште.

Се разбира, Серафимова има многу разбирање за сите сказни, веруваме и за писателовата имагинација, но таа ја барала научната вистина за овој импозантен објект во централниот дел на нам блиската Гора, во која навистина, како во некој природен орман да "ѕвечат удари меч од меч и одѕиваат врисоци и тажаленки".

- Народот беседи дека манастирската црква била изградена покрај светата река во времето на кралот Марко. Научните факти укажуваат на тоа дека црквата била подигната во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389) - вели Серафимова. - Нејзиниот план во форма на тролист со доминантна купола е ново потсетување на светогорските цркви. Нејзината градителска техника, позната како клоазон, претставува најрепрезентативен средновековен градежен опус, карактеристичен само за најелитните донации.

Во разговорот со авторката на импозантната и луксузно опремена книга дознаваме дека најголем дел од цркви во скопско е изграден со очајот дека по изгубената Маричка битка, додека ориенталните орди внимателно го меркале просторот пред себе што се нудел на покорот, само небото можело да помогне. И ангелите секако, бидејќи, тие се линкот меѓу небото и земјата! Цркви и манастири се граделе на Матка, на падините на Водно, крај Треска, но многу и во Скопска Црна Гора. Во брзањето не се стигнало ѕидовите да се досликаат со фрески… Кога Турците ја освојуваат долината на Вардар, на падините на Скопска Црна Гора имало 60-тина села а веројатно триесеттина свети објекти!

- Со оглед на историските околности и новите туркократски услови, цркавата во Кучевиште била првично живописана дури во 1591 година. Ктиторот Никола, црковно лице со титула презвитер, го донирал и создавањето на првиот иконостас, за што сведочи натписот на раскошниот позлатен крст кој е круна на преградата. Во ова време настанале и првите икони од кои во манастирот се наоѓа само онаа со претставата на архангелите Гаврил и Михаил, исклучителна по темната боја на нивната кожа, која стручно се нарекува инкарнат. Истиот колорит доминира на фреските во олтарот и наосот - опишува Серафимова.

Нашата пријатна соговорничка вели дека "во богатата програма во овој простор има ретки и интересни теми што се невообичаени за Македонија и централниот Балкан". Како пример ги наведува сцените каде е прикажано пронаоѓањето на Светиот Крст во Ерусалим и воспоставувањето на култот на иконите во Византија. Интересна е и претставата на Јуда, кој во млаз го повраќа светото причесно, во олтарската сцена Причестување на апостолате. А пак во северозападниот темен ќош на наосот Јуда е насликан како се распаѓа во пеколната јама. Во Крштевањето св. Јован Претеча беседи пред народот за Христовото доаѓање, а децата сами скокаат во светата река, додека на небото благословува Богоотецот.

Серафимова вели дека претставите на светите војници, облечени како дворјани, високи речиси два метри, кои пленат со својата елеганција и достоинство, јасно го илустрираат маниризирањето на монументалниот стил на 14 век. Потврда за тоа дека зографите не биле домородни, туку дојденци од југ, се и нивните црковно-грчки и словенски натписи. Првите, скриени во невидливите и темни делови на црквата: во куполата, олтарот, високо на ѕидовите.

Нешто потаму во времето, поради зголемените манастирски потреби, црквата била проширена кон запад со т.н. припрата која била живописана во 1631 година. Постојат научни индиции, вели Серафимова, дека во ова време нов ктитор бил скопскиот митрополит Симеон, кој здушно се грижел за манастирот, донирајќи му опковани книги и скапи литургиски предмети. За неговото меценатство во скопската епархија сведочи и натписот во Шишевскиот манастир Св. Никола, на ридот над езерото Матка. Тој ги повикал зографите кои, скоро едновремено, работеле во овие два манастира и сцените ги проследувале со текст испишан на убав црковно-словенски јазик. Што би рекол Јаневски, да се враитме за миг на него " во безредието во кое се замрсуваа сказанија и дејствителности, се се движеше по некој ред".

Целиот источен ѕид е посветен на Страшниот суд, каде што на страната на грешниците, се наоѓа и Александар Велики, поставен на клупа меѓу други пагански владетели, како и група османски господари со фесови на главите. На дното на импресивната претстава на пеколот како огнена река, се наоѓа црниот Сатана, кој во рацете го држи грешниот Јуда. На спротивниот ѕид, на запад, се наоѓа ликовната интерпретација на семејното стебло на Христос. Ова родословје насликано на 25 квадрати има вкупно 110 сцени и фигури, меѓу кои и оние на Сократ, Платон, Аристотел и Плутарх, чијашто безвремена мудрост е преттеча на старозаветните мудреци, кои се роднини на Христос. Во овој спектакуларен обем Лозата на Христос е единствена во централно-балканскиот простор.

Посебен ексклузивитет на црковниот ентериер дава зачуваниот мебел со најлуксузното парче, владичкиот стол. Мебелот е создаден во фина мозаична маркетерија со употреба на рожина. Оваа техника има шпанско потекло, а нејзиното ширење на Балканот се поврзува со еврејските колонии.

Во 19 век манастирот ја доживува својата преродба: станува богословски училишен центар со богата библиотека и вредни предмети за богослужба, добива нов иконостас (1843) и икони (1846), а дограден е и јужниот конак како пандан на постариот. Активностите во манастирот во најголем дел се поврзуваат со тогашниот игумен, јеромонахот Мисаил од тетовска Копаница. Во манастирот, на гости или како учители, доаѓале видни луѓе од сосетството, тадури и светогорски и руски монаси. Во ова божје гнездо животот течел возвишено и безвремено, се’ до пустошењето во виорот на Балканските војни (1912). Тогаш животот во Кучевишкиот манастир трајно згаснал. Но, не згаснал и духот на возвишеност и безвременост кој го позема секој посетител во ова свето сокровиште и вистинска културно-уметничка ризница - вели Серафимова.

Монографијата за Кучевишкиот манастир со својата научна длабина, богата литература, луксузниот дизајн и преубавиот илустративен дел, претставува ризница за ризницата. Оваа книга покажува и докажува дека меѓу поствизантиските уметници има врвни продолжувачи на традицијата. Факт е дека во османско време има осека на квалитетни зографи. Но, исто така, факт е дека креативниот гениј бил единствено оружје во заштитата на православната духовност и затоа бил мобилен и дејствувал на целиот Балкан во духот на православниот интернационализам. Комуникативноста станува нов квалитет во доцниот среден век - заклучува Серафимова во својата книга.