Виолета Мартиновска

Монографијата „Свети Климент Охридски“ од Виолета Мартиновска ќе биде промовирана денеска на Педагошкиот факултет

 

Авторката на монографијата „Св. Климент Охридски“, Виолета Мартиновска, е истражувачка на средновековната ракописна традиција и книжевното наследство. Одбранила два доктората од оваа област, а нејзиното лично проучување на Светиклиментовото книжевно творештво продолжува и натаму.

Во чест на 8 Декември - Ден на св. Климент Охридски го промовирате своето најново дело. Станува збор за монографијата „Св. Климент Охридски“. Па, кажете ни што донесува таа?

Величието на учителот, просветителот, книжевникот, ораторот, црковниот деец, духовникот свети Климент Охридски е грандиозно. Оттука, има многу чествувања и многу патронати поврзани со него. Укажана ми е голема и скапоцена чест од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, токму на патрониот празник на денешната свечена академија да се промовира оваа монографија, при што ја искажувам мојата почит и благодарност кон нив. Монографијата „Свети Климент Охридски“ е во издание на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, член на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има многу богата библиографија во врска со свети Климент. Но, очигледно е дека неговата повеќеслојна личност отвора можности за нови промислувања и истражувања. Монографијата концепциски е поделена во неколку поглавја: живот и дејност, охридската книжевна школа и нејзиниот континуитет, прилози со текстови од св. Климент, факсимили, негови претстави во фрескоживописот и иконографијата. Употребена е научна методологија и апаратура. Претставени се најновите сознанија од науката во врска со светиклиментовото книжевно творештво. Во средновековната книжевност, секој податок е драгоцен, бидејќи од оваа современа дистанца, трпеливо се прави реконструкција на деветтиот и десеттиот век кога живеел и творел св. Климент. Во одреден дел од своите слова тој се потпишувал како КЛИМ или КЛИМЕНТ и тоа се негови сигурно засведочени авторски потписи. Но, други негови слова се потпишани со имињата на големите црковни автори како на пример: Јован Златоуст и др.

Во Вашата научно-истражувачка работа откривате некои нови моменти поврзани со овој мошне значаен просветител и книжевник? За какви откритија станува збор?

Проучувањето на неговото книжевно творештво е мој личен предизвик. Фактот според кој негови слова се наоѓаат во многу странски Археографски збирки како на пример во: Москва, Санкт Петербург, Софија, Белград и други места укажува на неговата широчина, неговиот култ и неговата авторитативност. Всушност, критериумот на св. Климент е во неговата визија за вечноста, како неистрошлива енергија на себеусовршување. Секој миг, секој час да бидеме духовно пооблагородени, да ги надминеме тревожните суети и да се воздигнеме кон позитивните, креативни пространства на светлината. А, таа светлината, експлицитна, имплицитна е доминантно присутна во секој аспект од светиклиментовото живеење и творење. Неговите сложени зборови, кованици изобилуваат со терминот светлина и сите нејзини варијации. Светлозарната еманација на св. Климент е негова сушност, негова длабока потреба, исконски порив кон онтологијата на битието. Тие не се детерминирани, ниту со простор, ниту со време. Неговиот гносис е влез кон некои за нас, чудни и реално несфатливи суштини на животот. Но, неговата облагородена личност дозволува да ни пренесе дел од овие длабоки семантики и пораки, знаци кои ги растајнуваме. Или се обидуваме тоа да го направиме.

Очигледно е дека станува збор за маркантна појава, чија величина се гледа не само од неговата личност, туку и од творечкиот подвиг. Како основоположник на Охридската книжевна школа, Климент Охридски одигра значајна улога во просветната и образовната дејност. Како гледа науката на неговите творечки подвизи?

Формирањето на Охридската книжевна школа и првиот словенски универзитет се подвизи достојни за почит кон св. Климент и плејадата од негови соработници. Неговиот подвиг е образец за продуховена личност. Не застанувај во чекорењето кон светлата визија на животот, каков и да е, но е отворена можност за човекување, како тој да ни шепнува. Подвигот е внатрешна борба, постојана, секогаш недовршена. На тој харибден пат има многу замки, многу препреки, но жедта да се биде духовно побогат ги надминува тревожните моменти.Оваа монографија е наменета за широк круг читатели, книгољупци и љубопитници. Светиклиментовите вредности се универзални!

 Невена Поповска- Утрински весник