Goran.Pro2.jpg

Горан Тренчовски (1970) е еден од ретките млади интелектуалци кај нас кој својата креативност ја исполнува на неколку нивоа. Најпрво, Тренчовски на јавноста и е познат како театарски, телевизиски и филмски режисер, потоа како основач и организатор на фестивалот за краток и алтернативен филм во Струмица – „Астерфест“, и, најнакрај, како плоден писател кој во своите триесет и девет години веќе напишал четири релевантни книги што се однесуваат на драмската уметност и филмот.
Книгата што денес ја промовираме во Кинотеката на Република Македонија, ПАРС ПРО ТОТО, неговото најново дело иако на 156 странички е мошне амбициозен текст кој се однесува на феноменологијата на краткиот филм, кој пак, според самиот Тренчовски е „...идеолошки супстракт...и емоционален екстракт...“. Ваквиот став е нов за нас и ни ја потврдува амбицијата на овој амбициозен интелектуалец инспириран од Јакобсон, да изгради свој постмодерен, цитатен и акцтептирачки стил на пишување, што е секако значаен придонес за македонската филмологија.

Goran.Pro.jpg

Самото дело се осврнува и на значајни импресии од животот кој на Горан Тренчовски му овозможува да размислува за теми и личности како што биле Претседателот Борис Трајковски, актерот Ристо Шишков, или, пак, да пренесе полнокрвно значење на неговата љубопитност кон Семјуел Бекет версус родната Струмица, која за авторот е еден вид на културолошка парадигма. Тој на Струмица и посветува и еден синопсис во седум слики, по инспирација од Стојан Ковачев, а кој што го детерминира визави првите филмски проекции во овој град или пак настаните што реферираат на Првата светска војна.
ПАРС ПРО ТОТО, односно тоа парче за целото, е книга што е елоквентна и има апендикс и заклучоци на англиски јазик, а во неа е поместена и богата библиографија и 39 фотографии. Издавачот „Улис“ печател дело кое рефлектира со квалитет кој може да се најде на рафтовите на било која книжарница во модерниот свет.  Меѓудругото и заради ова, ние топло ја препорачуваме оваа книга не само на еснафот и стручната јавност, туку и на широката публика.
За крај, колку што ни е нам познато, иако не сме филмски хроничари или историчари, ПАРС ПРО ТОТО е прва книга посветена на краткиот филм во нашата културна средина, па и со тоа има една несекојдневна значност.

Goran.Pro.jpg

Д-р Сашко Насев