ОДЛИЧЕН ПРИЕМ ЗА ПРЕМИЕРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ТЕАТАРЏИИ ВО БЕЛГРАД
Србите ги „посвоија“ Поповски и Унковски
Ивана Васева
Специјален известувач од Белград


Овациите што ги проследија премиерите на претставите на Слободан Унковски и на Александар Поповски викендов во Белград, беа очигледна потврда дека двајцата автори се големи миленици на српската публика, која овие македонски режисери ги доживува како свои. По огромниот интерес кај српските гледачи, кои одамна ја негуваат наклонетоста кон нашите автори, по задоволните лица во аудиториумот по спуштањето на завесата и по просторот кој српските медиуми речиси без исклучок го отстапија за двете претстави, слободно може да се каже дека Белград викендов доживеа македонска театарска офанзива. И „Кандид или оптимизам“ на Поповски прикажана во петокот во Југословенско драмско позориште и „Фигаровата женидба и развод“ изведена завчера вечер и синоќа во Народно позориште, се случија пред публика од чија бројност крцкаа салите на двете театарски куќи. Симбиозата, пак, на костимиографските, музичките и на сценографските решенија со креациите на српските актери, беше исклучително впечатлива и во двете постановки. Никола Ѓуричко, Богдан Диклиќ, Борис Комнениќ, Наташа Нинковиќ, Војислав Брајовиќ се само некои од актерите кои играат во претставите на Поповски и на Унковски. Овие актери често можеме да ги видиме на македонските телевизии во постарите, но и во понови филмови и серии од продукцијата на северниот сосед, но нивната актерска вештина во најдобро светло се чувствува на театарската сцена. Публиката имаше можност да проследи плејада совршено интерпретирани ликови, во визуелно богати претстави за кои, барем од наша перспектива, очигледно не се штедени пари. Дека нашите режисери (не од сега) се миленици на публиката и на театарските проследувачи во Србија, кои не штедат пофалби за нив, потврдува и фактот што од ЈДП и НП велат дека за репризните изведби на двете претстави, билетите биле распродадени долго пред премиерите. Има уште еден момент заеднички за двете изведби, кој малку го стивнува ескалирачкото задоволство што го носат тие. Тоа е времетраењето на претставите, кое надминува три часа. Во „Кандид или оптимизам“ Поповски успева за публиката нашироко да ги отвори вратите на емотивноста. Неговата идеја, како што вели, е токму тоа: „да ја врати емотивноста во игра“, овозможувајќи им на гледачите потоа секој сам „да ја пронајдат емотивноста во сопствениот живот“. А неговата режисерска мисија во случајов е одлично исполнета, бидејќи претставата се доживува како земјотрес. „Фигаровата женидба и развод“ на Унковски, пак, одлично се вклопи во прекрасниот барокен амбиент на Народно позориште. Видовме претстава - комбинација на комедија, драма и на опера. Односно голема и помпезна, три и полчасовна изведба која до крај го окупира гледачот. Претставата, како што вели Унковски, „говори за револуцијата, но и за животот и за љубовта„. Според него, станува збор за „политички ангажирано дело, кое не ги истакнува настаните, туку се занимава со состојбата на духот“. Се е беспрекорно, освен по малку здодевната должина. По огромното задоволство од фактот што постановките на македонските режисери беа главниот викенд-настан за белградската културна јавност, жално е што од споредбата со понудата во нашите театри, неизбежно се заклучува дека вакви успешни проекти (и од режисерски и од продукциски и од актерски аспект), дома ретко можеме да видиме.

Извор: Време