Унко со Орест во Епидаурус

По премиерата во Солун, претставата на Унковски ќе има и фестивалска промоција, на еден од најголемите амфитеатри со гледалиште од 14.000 места

 

Претставата "Орест" од Еврипид, а потпишана од македонскиот режисер Слободан Унковски, по неодамнешната премиера во Солун, Грција, на 1 и 2 август ќе има фестивалска промоција во античкиот тетар "Епидаурус".

Оваа античко здание е едно од најголемите за презентирање на античка драма, со гледалиште со 14.000 места.

Во "Орест" го играат 28 грчки актери, ќе оди на голема трунеја и низ цела Грција. Работата на Унковски во Солун (претставата започна со подготовка во април годинава) предизвика огромен медиумски интерес со објавени бројни опширни интервјуа во "Та Неа", "Елефтеротипија", "Елефтерос типос", "Солунска Македонија" ...

До крајот на годинава, во агендата на Унко се уште и Народното позориште во Белград, каде ќе работи на "Фигаровата женидба", а во Софија ќе ја постави драмата "Фестен", сценарио според кое е снимен и култен-Догма филм.

Оваа претстава не е првично искуство за Унковски во Грција. Тој досега ги работеше "Четвртата сестра" на Гловацки и "Крал Лир" од Шекспир, обете во Националниот театар во Атина.

(Б.Г.)-Вечер