На излегување од киното „Милениум“, по проекцијата на „Медена земја“, на мојата „внатрешна плејлиста“ одеа стиховите на Ник Кејв: „I don’t believe in an interventionist God“. Со повод. Окото на документаристиката е налик концептот за „Богот кој не интервенира“, не одлучува што е добро или лошо, не мавта со магични стапчиња, не нуди инстант решенија,…




На излегување од киното „Милениум“, по проекцијата на „Медена земја“, на мојата „внатрешна плејлиста“ одеа стиховите на Ник Кејв: „I don’t believe in an interventionist God“. Со повод. Окото на документаристиката е налик концептот за „Богот кој не интервенира“, не одлучува што е добро или лошо, не мавта со магични стапчиња, не нуди инстант решенија, не грми со библиски молњи, туку немо набљудува и токму преку таа опсервација испраќа порака за своето постоење.

Ќе бидам ли досаден ако, простум застанат во редицата што ниже суперлативи за целата екипа на чело со Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, одново ги повторам? Тригодишното следење на животот на Атиџе Муратова во изолираните предели на напуштеното неименувано село е потфат што зборува сам за себе. Маестралната фотографија и постпродукција само го дополнуваат впечатокот, а блескавиот успех на „Санденс“ го потврдува.

„Медена земја“ не нудејќи ни прецизни географски координати, умешно нè сместува во центарот на животната мапа на Атиџе, која им го посветила животот на својата мајка и на дивите пчели, и совршено го совладала идиомот на безусловната грижа и љубов за нив. Од една страна, секојдневно пресоблекувајќи ја и хранејќи ја неподвижната полуслепа мајка Назифе, од друга страна – собирајќи го медот од пчелите и почитувајќи го златното правило на деликатниот природен баланс – да земе само половина, а другата половина да ја остави. Животната хармонија и мирот што го носи со себе, Атиџе го шири насекаде, во звуците што ги испушта собирајќи го дивиот мед, во крутите но топли дијалози со мајка си, во разговорите со скопските пазарџии на кои им го нуди медот (секогаш подготвена да попушти за цената), во радоста во очите кога ја наоѓа лепезата со која ќе ја израдува Назифе… Сето тоа се чини дека попушта пред налетот на Хусеин и неговото многучлено семејство, кои во борбата за опстанок и заработка ги газат правилата на природната рамнотежа во „медената земја“ на Атиџе. Иако претставени како нејзини соборци (а не како негативци) во таа борба за гола егзистенција, нивните патишта се разидуваат исто како двете патеки прикажани во почетната сцена на филмот. Хусеин се соочува со поморот на стоката што ја одгледува и под притисок од трговецот што постојано бара нови, поголеми количини мед за повеќе пари, го нарушува златното правило за „пола-пола“, убивајќи ги пчелите на Атиџе.

Воодушевува питомоста на Атиџе, како контраст на дивината во која живее. Со децата на Хусеин, Атиџе е девојче што продолжува таму каде што застанало со детството. Со мајката, таа сè уште е жена пред мажачка, која бојадисувајќи ја косата копнее да го напушти селото и да отпочне нов живот. Но може ли да стане збор за напуштање среде пустелија? Потоа едноставно се наоѓате себеси како ги стегате потпирачите на седиштето додека Атиџе со солзи во очите го бара кучето Џеки низ темното село, опколена со виежот на глутница волци и сфаќате: Напуштање може да биде само смртта.

Да не се лажеме, мене овој мед ми беше горчлив. Ми горчеше детската игра заменета со берба на пченка. Сознанието дека во некое од децата можеби има неоткриен научник или писателка што немаат шанса да го докажат тоа. Ми горчеше луксузот на бананата. Подуеното око на девојчето од убодот на пчелата. На крајот, ми горчат и академските дипломи при целосното непознавање на животот надвор од урбаните јадра и немањето свест за јазикот и законите на природата.

Да не се лажеме, престојот во медената земја на ќерката Атиџе и мајката Назифе не е сцениран, не е производ на фантазија, не лебди во воздухот како митот за Деметра и Персефона. „Медена земја“ е лаком гриз од саќето на реалноста. Ако некој ме прашува дали ќе се освестиме додека го џвакаме, ќе речам: Не знам, досега сè проголтавме, ништо не успеа да нè oсвести.


(Да ги поддржиме протагонистите на „Медена земја“ и да бидеме дел од оваа светска приказна! Телефонски броеви за донации: 143 777 – Телеком и 143 502 – ВИП или Здружение „Бекирлија“ – Скопје, жиро сметка  530010302165894 – Охридска банка АД Скопје)

 

Извор: https://popup.mk/%D0%BC%D0%B5%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B0-%D0%B7%D0%B5%D0%BC%D1%98%D0%B0-%D0%B3%D0%BE%D1%80%D1%87%D0%BB%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%B2%D0%BA%D1%83%D1%81-%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D1%82/?fbclid=IwAR3ebxbs8fvS0zSAPyJS1uaSbfGOATghsDgyDTBoA9zQ4d43zpDZrXIoNYg

 

 Март 2019 г.