Денеска во 20,30 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи премиера на краткометражниот игран филм „Искушение“, направен во режија и по сценарио на Бранко Костески. „Искушение“ е еден од филмовите кој доби поддршка на конкурсот во 2007 година и еден од ретките кој почна со снимање и еве успеа да финишира.

„Искушение“ е приказна за отец Стефан, кого го игра Сенко Велинов, тоа е приказна за доброто и злото и за искушенијата пред кој е исправен свештеникот кога ќе се најде во вителот на сопствената борба со верата. Така ни кажа режисерот Костески на првата клапа на овој филм, кој се снимаше при крајот на минатата година на неколку локации во Скопје. Приказната е поместена во 2001 година, време на конфликтот во нашата земја, но тоа не е тема на филмот, кој се обидува да направи една паралела со реалните, надворешни случувања и внатрешните превирања. Како што ни рече Костески, темата на филмот е соодносот меѓу доброто и злото, тргнувајќи од идејата дека доброто и злото не се апсолутни и дека наспроти надворешната вистина секогаш постои и онаа внатрешната.

Покрај Сенко Велинов, во овој 28-минутен филм играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Синоличка Трпкова, Салаетин Билал, Камка Тоциноски, Елхаме Билал и други. Директор на фотографија е Апостол Трпески, сценографијата е на Бујар Муча, монтажата на Владимир Павловски, музиката на Горан Трајковски, а костимите на Жаклина Крстевска. Филмот е во продукција на продуцентската куќа „Гејзер“ во соработка со „Гримус медија груп“ од Скопје, а продуцент е Зоран Ристески.

„Искушение“ е целосно финансиски поддржан од Министерството за култура со 2.500.000 денари. Снимањето на филмот траеше осум дена, а по првата клапа која се одржа во ноќниот клуб „Миднајт“, се работеше и на локации во црквата „Св. Петка“, на Водно, во населбите „Козле“ и „Маџирмаало“. Поради средствата филмот е снимен на ХД формат, а планот е понатаму ако има можности да се префрли на филмска лента. (С.У.) Утрински весник


 Премиера на краткиот македонски филм „Искушение“


Скопје,  19 јуни (МИА) - Во Кинотека на Македонија вечер премиерно ќе биде прикажан краткиот игран филм „Искушение“, по сценарио и режија на Бранко Костески, во продукција на „Гејзер“ од Скопје,  финансиски поддржан од Министерството за култура. Тоа е прв професионален филм на Костески, кој ги завршува студиите на Одделот за филмска режија на  „Черноризец Храбар“ во Софија - дел од Варненскиот универзитет.

Филмот раскажува урбана приказна за борбата меѓу доброто и злото. Се случува во 2001 година, за време на конфликтот. Главниот лик е свештеник, на преден план е неговата внатрешна борба со злото. Неговиот живот ќе добие поинаков тек од моментот кога судбината ќе реши да го стави во искушение. Како поднаслов на филмот авторот го поставува прашањето - Дали сме сите ние регрути во нечии туѓи војски и туѓи војни? Според Костетски, 2001-ва е само временско локализирање со цел на приказната да и даде добра подлога, без да алудира на конфликтот или да сугерира порака.

Филмот е сниман на повеќе локации  во Скопје и трае триесетина минути.  Улогата на свештеникот ја игра  Сенко Велинов, а покрај него во актерската екипа се и Петар Арсовски, Тони Михајловски, Синоличка Трпкова, Никола Черкезов, Марко Јорев, Салаетин Билал, Камка Тоциновски, Данчо Чеврески, Елхаме Билал, Жаклина Стефковска, Игор Стојчевски, Зорица Стојановска и Сања Арсовска. Продуцент на филмот е Зоран Ристески, директор на фотографија Апостол Трпевски, сценографијата е на Бујар Муча, а костимографијата на Жаклина Крстевска. хс/са/13:31