Фестивалот на филмската камера од годинава воведува документарна програма и програма на светски хитови

Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во своето 29 издание се сели во Скопје и тоа со нов концепт. Како што „Утрински весник“ веќе најави, битолскиот фестивал од оваа година ќе се одржува во два града, во Битола и во Скопје и тоа, како што известуваат од таму, со сосем нов лик. Главната програма, чиј акцент е на филмската камера останува компетитивна, но покрај студентската и програмата на краткиот филм, од годинава фестивалот кој ја слави филмската фотографија воведува и документарна програма. А според официјалната информација од организацијата на фестивалот, покрај новините во програмата и локацијата, фестивалот се продолжува за два дена, па неговото траење ќе биде вкупно седум дена односно од 27 септември до 4 октомври.

По најавата на „Утрински весник“ дека „Браќа Манаки“ од годинава се сели во Скопје, следеа реакции од Домот на културата во Битола и од Битолчани дека тие не се согласуваат со ова делоцирање и дека нема да дозволат тоа да се случи. Но, фестивалот зад кој целосно стои Друштвото на филмски работници, кое е и негов основач, ја донесе едногласно оваа одлука на Собранието на Друштвото и според последнава нивна информација, иако претходно не излегоа со прес или било какво објаснување, тоа е веќе завршена работа. И гостите, кои имавме можност да ги сретнеме на другите фестивали, веќе се подготвуваат за престој во Скопје.

Имено, иако неофицијалното објаснување на фестивалот е дека тој не се сели туку дека се одржува во двата града заради проширувањето на програмата и поголемите можности, сепак, факт е дека токму поради капацитетите тежиштето на одржувањето на фестивалот ќе биде во Скопје. Навистина, главната програма ќе оди прво во Битола па во Скопје, а во Битола најверојатно ќе има и свечено отворање и затворање, но се друго сепак ќе биде или ќе мора да биде во Скопје.

А тука влегува и програмата, која покрај документарната исто се воведува од годинава, а тоа е избор на светски хитови. Планот на фестивалот е и програмата на кратки филмови да стане компетитивна. Со други зборови, фестивалот кој беше специјализиран се обидува да биде интернационален фестивал по теркот на другите фестивали. Тоа веќе му дава нов лик, заедно со неговото одвојување од Битола. И уште нешто, сите овие подготовки треба да направат терен токму за следниот јубилеен 30. Фестивал, но каков фестивал ќе имаме по 30-годишна традиција, која дефинитивно и му го донесе поширокиот углед, сепак, останува да видиме. Селењето е готова работа, но дали е тоа позитивен или негативен потег, и покрај сите заложби, ќе покаже единствено времето.

Сунчица Уневска-Утрински весник