Педесеттина филмови од близу триесет држави ќе бидат прикажани на претстојното издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест во Струмица, кој од 28 до 31 мај, по четврти пат се одржува во знакот на независните автори од Југоисточна Европа. Покровители на овогодинешниот Астерфест се Филмскиот фонд и Собранието на Струмица, а генерален спонзор е Космофон. Партнери во релизацијата на Астерфест ќе бидат НУЦК Антон Панов и НУ Музеј Струмица.
Астерфест е единствен фестивал во регионот кој студиозно и континуирано се занимава со профилот на краткиот игран и документарниот филм. Впрочем, за тоа кажува и податокот дека од минатата година, како платформа на Астерфест беше иницирана мрежата на Тивериополската филмска алијанса која, меѓу другото, овозможува и меѓуфестивалска и копродукциска размена на кратки и документарни дела помеѓу 15 држави.
И оваа година програмски ќе се комбинираат ентериерни, но и екстериерни простори кои се поврзани со културното наследство на струмичкото поднебје. Вечерните проекции ќе се одвиваат во НУ Антон Панов и Старото забавиште (некогашно еврејско школо), дневните промоции во Хотел Илинден, а една вечер ќе има проекција и во фасцинантниот амбиент на античката Терма во Банско.
Добитник на единственото признание АСТЕР за високи достигнувања со својот авторски опус во кинематографијата на Југоисточна Европа оваа година е хрватскиот режисер Лордан Зафрановиќ, кој по емигрирањето од својата земја, еден период престојуваше во Париз, а сега живее и работи во Прага. Неговиот портрет ќе се одржи во дворот на Манастирот Вељуса.
Како и претходните години, ќе има седум програмски категории: компетитивната Астердокс, за креативни документарци; Една жена-еден филм; Мери-Дионс; Посвети; Мувиленд, која оваа година е резервирана за Романската кратка филмска форма; Балканска фикција; како и краткиот блок од поновата македонска продукција со делата на младите Марија Апчевска, Фросина Наумовска, Саша Станишиќ, Филип Јовановски и др. Исто така, ќе има и неколку анимирани филмови, како и дела на наши автори кои творат надвор, како на пример Илија Пиперкоски и Ирена Паскали.
Дополнителни наслови од ревијалната видео и ТВ продукција ќе бидат прикажани на локалните телевизиски станици во Струмица, додека трае фестивалот, а ќе биде достапно и ДВ-катчето, за промоција и маркетиншко запознавање со интересни наслови од информативната оф-програма.
На крајот од фестивалот, за најдобрите документарци ќе бидат доделени Златна, Сребрена и Бронзена Потковица, како и Специјалниот Стар Проектор. Од оваа година новитет ќе биде воведувањето на наградата за најдобар краток игран филм, а ќе биде доделено и признание за филм од програмата Мувиленд.
Инаку, ТФА и Астерфест во Струмица  секој последен петок од месецот организираа циклуси на филмски и авторски вечери, во соработка со Кинотеката на Македонија и со Вардар филм, за афирмацијата на националните филмски вредности. Една од нив беше и филмската вечер посветена на режисерот Антонио Митриќески.
Астерфест оваа година ќе биде во знакот на 90 годишнината од првата филмска проекција во Струмица, што неодамна се иницираше преку мултимедијалниот проект Струмица 1918 во реализација на ТФА.
Од насловите кои ги најавува уметничкиот директор на Астерфест Горан Тренчовски, веќе се иститлувани романскиот Студени бранови на Александру Соломон, бугарскиот Проблемот со комарците на Андреј Паунов, словенечкиот Српски шајки на Димитар Анакиев, албанско-грчкиот Компас на Бујар Алимани, полскиот Агњешка на Мартин Гавре, германскиот Замолчи, пеперутко на Ерек Кун, италјанскиот Ван Аморе на тандемот Гермондари-Шпањоли, британскиот Болен на младиот Мајк Ример, асистент на Питер Гринавеј. Од нашите филмови, во ова компетиција е Дома на Ѓорче Ставрески.
Посебна проекција во првата вечер ќе има најдобриот чешкиот документарец Марцела, прикажан на повеќе светски фестивали, прогласен за најдобар европски документарен филм во Севиља. Најголемиот број странски филмови премиерно се прикажуваат во Македонија, а неколку од нив доживуваат и балканска премиера. Меѓународна фестивалска премиера на затворањето на Астерфест ќе има филмот Скали на Илир Харџи. Како своевидно изненадување, филмот Вистинско чудо на Лукас Нола со Раде Шербеџија, ќе биде прикажан како предфестивалски вовед за струмичката публика, вечерта на 27-ми.
Мото на овогодинешниот Астерфест е: безгранични филмски видици.