Во почетокот на месец мај од Холивуд во Македонија ќе пристигне продуцентскиот тим на филмскиот проект “Трето полувреме” (“The Third Halftime”) предводен од продуцентот Бранко Лустиг и режисерот Дарко Митревски.

На инсистирање на режисерот Митревски (којшто е воедно и автор на сценариото), продуцентите доаѓаат во Македонија не би ли се запознале со нејзините локациите, инфраструктурата, техничките и човечки потенцијали. Овој тим ќе престојува неколку дена во Скопје и Битола, по што ќе биде донесена одлука дали постојат услови “Трето полувреме” да се снима во Македонија.

Филмот ќе го продуцира светски познатиот продуцент Бранко Лустиг (двапати добитник на Оскар за најдобар филм за “Schindler’s List” и “Gladiator”, долгогодишен соработник на Стивен Спилберг и Ридли Скот, продуцент на“Hanibal”, “Kingdom of Heaven”, “American Gangster”, “Black Hawk Down” и “Sophie’s Choice”, како и на телевизиските серии“The Winds of War” и “War and Remembrance”).

Зад продукцијата на “Трето полувреме” стои филмската компанија King’s Road Entertainment (позната по некогашните филмски хитови “All of Me” со Стив Мартин, “Creator” со Питер О’Тул и Мериел Хемингвеј,  “Jacknife” со Роберт Де Ниро, “Rent-a-coop” со Лајза Минели и Берт Рејнолдс, “Big Easy” со Денис Квеид и Елен Баркин, итн.). Сопственикот на компанијата, господинот Свен Ебелинг (инаку добитник на Оскар за филмот “Ноњхере ин Африца”) исто така ќе биде дел од тимот кој ќе престојува во Македонија. Засега се уште не се одредени соработниците коишто ќе ја сочинуваат авторската екипа на овој филм (сценографија, костимографија, монтажа, итн.), со еден исклучок: саундтракот ке го потпише композиторот Кирил Џајковски, уште еден македонски уметник кој работи во Калифорнија.

Инаку, “Трето полувреме” е филмска приказна за скопскиот фудбалски тим “Македонија” кој во времето на Втората светска војна станал шампион на тогашната фашистичка фудбалска лига – под водство на својот тренер, Евреинот Шпиц. Во овој проект за првпат на филмското платно ке бидат прикажани спектакуларните фудбалски натпревари од триесетите и четириесетите години на дваесеттиот век, но и низа други историски настани: Македонија под фашистичка окупација, трагедијата и холокаустот на македонските Евреи, како и борбата на една мала земја за стекнување слобода и независност. Филмот ке биде снимен на англиски јазик, со холивудски кастинг, но предвидено е во него да играат и многумина македонски и балкански актери.

 ИЗЈАВА НА АВТОРОТ

“Трето полувреме” е приказна базирана врз вистински настани кои се случиле во Скопје во периодот на Втората светска војна. Таа приказна ја слушнав од устите на малкумината преживеани учесници, во времето кога ја создавав телевизиската серија “Досие Скопје”. Првата верзија на ова сценарио беше напишана пред осум години - но со оглед на големиот буџет, огромниот кастинг и комплицираните продукциски барања, не постоеја услови тој филм да биде реализиран како македонска продукција. Желбата ова сценарио да ги пронајде своите продуценти и еден ден да биде снимено беше и мој најголем мотив за заминување во Америка. Еве, не помина многу време, а таа желба започна да се остварува!

Тој филм е приказна за фудбалот кој во дадени историски услови станал повеќе од игра, се претворил во бојно поле помеѓу Доброто и Злото… но ќе има во тој филм уште многу за нас битни работи. Мене најдрага ми е сцената на полуфиналниот натпревар за шампионската титула: тогашниот скопски стадион е исполнет до последно место, а на околните дрвја се качени деца кои на сиромашните граѓани (кои немаат пари за билет) им го прераскажуваат текот на натпреварот… И во еден момент 10.000 луге на трибините започнуваат да скандираат “Македонија, Македонија”. Децата рапортираат: “Еве, навивачите го скандираат името на нашиот тим”, а еден од луѓето тивко прошепотува: “Не е тоа само името на тимот… Тоа е име на нашата земја!”. Мислам дека не само за мене како автор, туку и за сите нас во Македонија ќе биде возбудливо кога еден ден оваа реченица ке биде изговорена на филмските платна по Америка и Европа.

Дарко Митревски