Скопскиот фестивал се отвори пред празна сала

 

 

Прексиноќа со премиерната проекција на британскиот филм „Покајание“ на Џо Рајт се отвори 11. Скопски филмски фестивал. „Покајание“ беше вистинскиот избор и навистина ја донесе потребната филмска раскош за отворање на еден фестивал, кој влезе во својата втора деценија од животот, па сепак не успеа да придонесе за успешно отворање и да ја наполни киносалата „Милениум“. Иако овој прекрасно насликан филм преполн со емоции и романтика, продукционо раскошен и со одличен избор на актери и улоги, доаѓа по огромен број номинации за престижните награди и по атрактивното отворање на еден од најголемите европски филмски фестивали, Венецискиот, на кој Кира Најтли и Џемс Мекевој беа вистински ѕвезди, кај нас организацијата потфрли и наместо ова да биде едно од поубавите отворања, тоа се претвори во промашување.

А, походот на „Покајание“ од неговата премиера лани во септември, па се' до сега беше исклучително успешен. По Венеција тој поведе со осум номинации на доделувањето на наградите „Златен глобус“, а беше на врвот на трката и за наградите „Оскар“ и за британската „Бафта“. „Покајание“ е филм за љубовта и за загубата. Тоа е филм за младата писателка Бриони Талис, за нејзината раскошна фантазија, испреплетена со силните, но нејасни чувства кои во периодот на тинејџерството умеат да направат вистинска збрка. Но, таа збрка Бриони Талис ќе ја чини цел живот, затоа што никогаш нема да има можност да се искупи пред оние чиј живот со својата непромисленост го одведе во сосем поинаков правец.

Филмот ја следи приказната за Бриони, ставајќи ги во фокусот љубовта и извонредниот набој на емоции, но она што го прави особен е играта со боите кои на фантастичен начин ја исцртуваат страста и горливоста на чувствата. Тој успева да ги наслика емоциите, да им даде боја и живост, успева да ја долови напнатоста и искушенијата некаде во воздухот и да ги направи извонредно опипливи. И иако филмот има проблеми со сценариото и со вториот дел од приказната, каде што ја губи силата, првичниот залет и насоченоста, и иако ја затвора идејата во еден круг на преповторување, не успевајќи да го искористи присуството на војната и да му даде слоевитост, сепак, „Покајание“ е еден фасцинантно визуелен и емотивен филм. Со други зборови, поради тоа, поради успехот кој го постигна, и поради правот што се крена околу Кира Најтли, овој филм дефинитивно беше исклучително добар избор за отворање на годинешниот Скопски филмски фестивал.

Но, за жал, организаторите тоа не успеаја и да го искористат. Фестивалот се отвори во речиси празна сала и без никаква атмосфера. Тоа што салата остана две третини празна веројатно се должи на неискуството на организаторот „Наше маало“ за една ваква манифестација, бидејќи мислењето беше дека има толку големо интересирање, па дури мораше да се направи и рестрикција во делењето на билетите. Поканите за вакви настани не само кај нас туку насекаде, секогаш важат за двајца, овој пат важеа само за едно лице. Имено, се очекуваше голема навалица, а испадна сосем обратно. Очигледно е дека некој превидел за каква структура на публика се работи и која е публиката која се одѕива на поканите за културни настани.

Веројатно и поради тоа, а и поради немање никаков обид на отворањето на фестивалот да се стави акцент на филмското, ова издание беше навистина отворено без никаква филмска атмосфера. Особено кога говориме за еден фестивал што има реноме меѓу скопјани и што умееше честопати да ја изненади публиката со одличен избор на дела, да донесе филмови и автори кои не можеа никаде да се видат, но да донесе и многу интересни гости. Низ годините, овој фестивал си создаде свој рејтинг како независен и авангарден, и тоа не само овде, туку и надвор влегувајќи на листата на Европската асоцијација на филмски фестивали. На неговите отворања, иако овој фестивал никогаш немал амбиција за некои големи и помпезни настани, сепак, секогаш имал некоја најава, некој гостин, или некој симпатичен говор кој го славеше филмот, најавувајќи ги деновите на вистинско филмско уживање. Никогаш ниту овде, а ниту каде било во светот, главниот збор на пресот или на отворањето го немал генералниот спонзор. Ова, сепак, е филмски фестивал и акцентот мора да биде на филмот.

Она што годинава беше изненадување е не само немањето филмска атмосфера, туку и структурата на гости доминантна на премиерата и на подоцнежниот коктел, која беше главно шминкерска, придонесувајќи коктелот за фестивалот, всушност, да личи на коктел за отворање кафуле или, пак, бутик. Се разбира, атмосферата беше нешто сосем друго, нешто што е сосем спротивно токму од она што Скопскиот фестивал отсекогаш бил. А тој беше независен, авангарден, наклонет кон новото, кон алтернативните форми, а над се' наклонет кон суштината. Па, на Скопскиот фестивал го дочекавме најоригиналниот автор на денешнината Питер Гринавеј, ги дочекавме фантастичните филмски уметници, браќата Квеј, дочекавме многу млади автори, продуценти како што се Сајмон Пери и Чедо Колар, кои имаат култно реноме во откривање млади таленти во Европа, дочекавме многу селектори и директори на независни фестивали, но и такви уметници како Џулијан Темпл или Нина Персон од „Кардиганс“.

Скопскиот фестивал на нашата публика и откри многу денеска култни автори, меѓу кои Ларс фон Трир и Томас Винтерберг, Дарен Аронофски и Тед Солонц, ги донесе извонредните дела на Вонг Кар Ваи, Ким Кидук, Лукас Мудисон, на Аки Каурисмаки или Јесим Устаоглу. Скопскиот фестивал беше нашиот прозорец кон светот, кон оној независен, неформален, но секогаш посилен и поважен дел кој на скопската публика отсекогаш и значеше многу. Затоа и таа му беше верна и со нетрпение го очекуваше, затоа што со него можеше да биде дел од новото, од она провокативното и контроверзното, кое впрочем нештата ги движи напред. Бидејќи, во него се крие вистинската суштина. Со други зборови, Скопскиот фестивал ни даде многу секогаш во дослух со новото и храброто, секогаш во дослух со креативноста, со вистинската уметност и вредности. Од него тоа и го очекуваме, а шминкерството и грижата да се биде дел од актуелната шема во градот отсекогаш биле резервирани за други места, бидејќи тие дефинитивно се неговиот антипод.

 Сунчица Уневска-Утрински весник

{moshits}