Скопје, 29 март (МИА) - Британско-француската копродукција „Покајание“ на режисерот Џо Рајт вечер во 20 часот во кино „Милениум“ ќе го отвори 11-тиот Скопски филмски фестивал што ќе трае до 6 април. Во кината „Милениум“ и „Рамстор“ ќе бидат прикажани филмски остварувања кои се наградувани или номинирани на најзначајните филмски фестивали. 

На програмата на Скопскиот филмски фестивал вечер во „Рамстор“ во категоријата авторски филмови ќе бидат прикажани „Сведоци“ во режија на Андре Тешин (20 часот) и „Ноќна стража“ на Питер Гринвеј (22 часот).

Меѓу филмовите во главната програма се и „Ветувања од исток“ на режисерот Дејвид Кроненберг, „Лавови за јагниња“ на Роберт Редфорд, „Девојката пресечена на пола“ на Клод Каброл и други. Во програмата авторски филмови ќе бидат прикажани и „По венчавката“ на Сузан Бир, „Севиџис“ на Тамара Џенкинс, „Ти, што живееш“ на Рој Андерсон, „Здив“ на Ки-Дук Ким и „Џуно“ на Џејсон Ритман. 

Во програмата посветена на обожавателите на филмот и музиката ќе бидат прикажани „Фадос“ во режија на Карлос Саура, „Воспитувачи“ на Паула Ван Олсен, документарниот филм за Едо Маајка и за Филип Глас, еден од композиторите на современата музика од САД. Во рамките на програмата која ги опфаќа филмовите кои се меѓу хорор и трилер ќе бидат прикажани „Вива“ на Ана Билер, „Препарирање“ Г. Палфи и „Крвав автомобил“ на Алкес Ор. На Скопскиот филмски фестивал ќе има и програма на кратки филмови и анимирани филмови.

Првпат годинава како резултат на партнерството на мобилниот оператор ВИП со Скопскиот филмски фестивал воведена е посебна програма која има натпреварувачки карактер, а е наменета за сите обожаватели на филмската уметност кои сакаат да се натпреваруваат во форма на едноминутен филм за чија продукција не е посебна опрема или специјални вештини.Наградите за едноминутен филм ќе бидат доделени на 5 април.

Во рамки на Скопски филмски фестивал ќе се одржат работилници во Кинотеката на Македонија, како и предавања на експертот по интелектурална сопственост Џозеф Бек  на Правниот и Штуловиот факултет. Планирано е да се одржи и работилница за филмска музика на која предавач ќе биде Никола Коџобашиев.

Влезниците за Скопскиот филмски фестивал ќе чинат 120 денари, а за ДВД проекциите нивната цена ќе биде пониска. Покровител на Скопскиот филмски фестивал е Министерството за култура на Република Македонија. рп/нд/9:19