Кадар од документарниот етнолошки филм „Адак“ (Завет) на авторите Елизабета Конеска, етнолог и сценарист, Роберт Јанкуловски, камера, и Блаже Дулев, монтажа

И во Македонија најави за фестивал на етнофилм

Катерина Богоева

Македонија наскоро може да добие фестивал за етнолошки филм. Оваа сеуште неофицијална најава произлезена од меѓусебните разговори водени неодамна во Кинотеката на Македонија меѓу нејзините претставници и претставниците на Министерството за култура, на големо задоволство и на етнолозите од Музејот на Македонија, доаѓа во вистинско време.

На земјава чии први етнолошки филмови датираат од 1905 година создадени од браќата Јанаки и Милтон Манаки и која може да се пофали со значајна продукција создавана во различни институции и периоди (дел од која е и наградувана на меѓународни филмски фестивали за етнолошки филм), во овој период навистина и недостига една значајна манифестација која ќе го доближи ваквиот вид филм до публиката. Избор од домашната продукција на етнолошки филм минатата година од страна на Музејот на Македонија беше прикажан во Словенија и Софија, а утре во Уметничката галерија во Куманово во 19.00 часот ќе биде промовиран и етно- филмот „Жетва во Арбанашко“ по сценарио и режија на кустос - етнологот Надица Петковиќ од Музејот од овој град.

Скопската публика на 15 - 16 јануари во Музејот на Македонија имаше можност да ја проследи ревијата на Меѓународниот фестивал на етнолошки филм од Белград во рамките на веќе континуираната интенција на Музејот за популаризација на етно-филмот создаван во другите земји и кај нас, а филмови од ваков вид во музејската кино - сала се прикажуваат и во рамките на Деновите на европското културно наследство.

„Се трудиме еднаш до два пати годишно да прикажеме филмови од наша и од странска продукција и да привлечеме публика, особено младите кои се се позаинтересирани за визулените медиуми. Би сакала да имаме фестивал и во Скопје кој и ќе влијае на создавање публика. Белградскиот фестивал лани се одржа по 16 - ти пат, но и тој на почетокот кога се одржуваше во Прохор Пчински, имаше проблем со малата посетеност. Сега во Белград на дел од проекциите често има и луѓе и на стоење. Публиката се создава“ - вели етнологот - кустос, Елизабета Конеска наградуван автор на етнолошки филмови која смета дека на популаризација на филмовите и на привлекување публика во Музејот на Македонија, денес влијае и самата негова локација во Старата скопска чаршија. „ Ревијата покажа дека постепено се создава потребната публика особено кај помладите. Музејот има услови за презентација, но потребно е таа да биде континуирана во еден или два термина годишно, преку одредена манифестација. Би било најдобро да имаме фестивал со кој уште повеќе ќе привлечеме интересни автори, ќе се создава колекција на филмови. На Балканот и нема многу фестивали, освен Белградскиот, постои и веќе престижниот фестивал во Сибиу - Романија“. Конеска посочува дека и покрај долгогодишната работа, сеуште се соочува со проблеми околу реализација на филмовите, со недостигот од организирана продукција.

Смета дека полесно би се снимало доколку и за нив постои одредена наменска ставка во буџетот на Министерство за култура.

„Тогаш многу полесно ќе можеме да работиме и да планираме, да создаваме и да монтираме и да обезбедуваме луѓе, бидејќи јас сама сеуште не снимам. Вака голем дел од времето го минуваме барајќи средства и донатори кои ќе ни обезбедат некаква пристојна сума за да можеме да направиме квалитетен филм. Сум направила повеќе филмови со Советот за радиодифузија во рамките на проекти од јавен интерес, но со многу мали буџети, а досега при контактите со секое ново раководство во Министерство за култура, морам секогаш одново да ја презентирам потребата од снимање етнолошки филмови, од обезбедување на средства за учество на некој фестивал“.

Кинотеката ќе заштити уште 4 филма

 

Во Кинотеката на Македонија ја потврдуваат посочената идеја за создавање на фестивал на етнолошки филм, кој сметаат дека ќе придонесе за популаризација на филмовите кои во себе го содржат кодот на идентитетите на народите. „Кога би правеле фестивал, не би се базирале само на современи филмови, туку би правеле и ретроспективи за да се видат разликите“ - вели филмологот - советник Илинденка Петрушевска.

Во оваа институција во која освен заштитените материјали на браќата Манаки се чуваат и снимените филмски материјали за културното, етнолошко наследство на земјава создавани уште од почетокот на педесеттите години на минатиот век, годинава по четиригодишна пауза треба да бидат заштитени со префрлање од 16 м.м на 35 м.м лента уште четири филма: „Ѓурѓовденски обичаи“ од 1956 година и „ Русалиски обичаи во Гевгелиско“ од 1957 година (режија и камера Благој Дрнков, сценарио и стручна соработка Вера Кличкова); „Рибарството во Катлановско езеро“ од 1963 година (режија и сценарио Вера Кличкова) и „Мариовска свадба“ од 1963/64 (режија Вера Кличкова, сценарио Милан Ристески). Предвидената сума за скапиот лабораториски процес е 18. 000 евра, доколку истиот се изврши во Софија, но и може да биде помала, доколку материјалот биде реставриран во Македонија. Заштитата и рестврацијата на материјалите се врши не според жанрот, туку според староста на филмовите, загрозеноста на материјалот и се разбира според добиените финансиски средства.

Како што посочува филмологот Владимир Ангелов, заштитените вредни материјали во иднина доколку постојат услови ќе може да се популаризираат и преку создавање на пакети на соодветни ДВД изданија, а досега е заштитена целата продукција на Вардар филм до 1962 година што ја сочинува и значаен дел од филмските материјали со етнолошка содржина.

Визуелна антропологија

На Катедратата по етнологија при Природно - математичкиот факултет во Скопје, од оваа година за прв пат се воведува семестар за визуелна антропологија, иако интерес за снимање на етнографски материјали како што вели професорот Љупчо Ристески и самиот автор на вакви филмови, постоел отсекогаш. Професорите и студентите снимиле повеќе филмови на терен и реализирале најразлични проекти.

„Наша интенција е да формираме лабораторија за визуелна антропологија, за да можат студентите она што го снимаат на терен и да го монтираат. Нам како етнолози и антрополози ни се потребни и теоретски предзнаења, соодветни предавања од страна на режисери, камермани. Дури сега се воведува задолжителен предмет за визуелна антропологија, што соодветствува со односот на државата кон етнологијата и антропологијата во земјава. Јас сум за фестивал на етнолошки филмови, но потребно е надлежните институции да обрнат посериозно внимание на оваа област за да се создадат услови за творечка работа, за едукација на понатамошни кадри, за создавање на нови автори кои ќе снимаат филмови што ќе коинцидира со можниот иден фестивал“ - посочува Ристески.

Извор:Утрински весник

Посети:{moshits}