ИНФОРМАЦИЈА

fest.aster6.jpg

За утревечер, 25 јануари, в петок, Тивериополската филмска алијанса подготвува филмска вечер во Струмица со којашто започнува спроведувањето на концептот според кој се раководи овогодинешната програма за дејствување на ТФА. Еден од главните акценти во тоа е валоризирањето на нашите филмски вредности, преку популаризацијата на подзаборавените бисери од домашната и светската класика и нивното приближување до современиот граѓанин. Во таа смисла, ТФА покрена иницијатива за реафирмација на кратката играна и документарна филмска форма, не само во домашен, туку и во балкански и меѓународен контекст. За таа цел,  секој последен петок од месецот, во Струмица ќе се прикажуваат по неколку филмови, тематски или проблемски врзани под циклусот краток и документарен филм. Како прва активност во новата година, овој петок ќе се прикажат краткометражните Брод на Бастер Китон од 1921 год., Комитска легенда на Јово Камберски од 1955 год. и Сонце зад решетки на Славко Јаневски од 1957 год. Пред проекцијата ќе има мал вовед во сферата  на архивирање и сочувување на филмското наследство, неговото значење за новите генерации синеасти и проследувачи на филмската уметност, но и односот на државата кон него. За таа прилика, на присутните ќе им се обратат м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Кинотеката на Македонија и Илинденка Петрушева, филмски критичар. Оваа филмска вечер Тивериополската филмска алијанса ја реализира во соработка со Кинотеката на Македонија и Вардар филм. Настанот ќе се одржи во малата сала на НУЦК Антон Панов, со почеток во 19 час. Во февруари следуваат Жито за народот на Трајче Попов, Бунт на куклите на Димитрие Османли и Подарок од веселиот молер на Димитар Ќостаров; во март - кратките филмови на Антонио Митриќески Време, Ден, Двобој, Ехо, Љубовта на Кочо Топенчаров; во април - Дае  на Столе Попов и Глас на Иван Митевски; а од 27 до 31 мај Тивериополската филмска алијанса ќе биде организатор на четвртото издание на Астерфест - фестивал на филмските автори од ЈИЕ.


 


 

(Прилог: ПРОГРАМА)

Филмски вечери на Тивериополска филмска алијанса
во соработка со Кинотека на Македонија, Вардар филм, МТВ  и ЦК Антон Панов


Циклус: краток и документарен филм

25 Јануари (петок)
Брод (1921, Бастер Китон)
Комитска легенда (1955, Јово Камберски)
Сонце зад решетки (1957, Славко Јаневски)

Февруари
Жито за народот (1947, Трајче Попов)
Бунт на куклите (1957, Димитрие Османли)
Подарок од веселиот молер (1957, Димитар Ќостаров)

Март
Кратки филмови на Антонио Митриќески:
Време, Ден, Двобој, Ехо, Љубовта на Кочо Топенчаров

Април
Дае (1979, Столе Попов)
Глас (1984, Иван Митевски)

27-31 Мај
Астерфест
ИВ Фестивал на филмските автори од Југоисточна Европа