Утревечер, на летната сцена на платото пред Универзалната сала во Скопје во рамките на Скопското лето, со почеток во 20,30 час, традиционално по осми пат ќе се одржи ревија на дел од наградените филмови од овогодинешниот струмички филмски фестивал Астерфест кој се одржа под мотото “Одисеја 2012“. Скопјани ќе имаат можност да проследат три наградени кратки филмови: британскиот ОТКАЧУВАЊЕ на Финлај Претсел и Адријан Мекдауел кој доби Златна потковица за најдобар документарец во категоријата Астердокс, француско-ерменскиот краток игран филм ПИЈАНО кој ја освои нововостановената награда за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ во категоријата Глобална фикција, и полскиот анимиран филм ИЗГУБЕНИОТ ГРАД СВИТЕЗ кој се закити со наградата за најдобар филм во категоријата Анимак. „Откачување“ претставува ретка инсајдерска перспектива за процесот на рехабилитација на затворениците, запознавајќи ги соништата на затворениците, нивните аспирации, неколку каења и неколку скриени стравови. „Пијано“ е приказна за нема, но талентирана пијанистка која се подготвува за меѓународен натпревар. “Изгубениот град Свитез“ е базиран на епска поема од 19-тиот век, на најголемиот полски писател, Адам Мицкиевич.

 

Слична Тивериополска филмска вечер ќе има на 11-ти август во реновираниот Дом на културата во Ново село, а на 14-ти авуст во амфитеатарот во Струмица е планирана авторска вечер посветена на белградскиот документарист Игор Тохољ.