„Оние другите" е холандски филм на Илја Кок и Вилјем Тимерс, кој ја покажува обземеноста на европските туристи со егзотиката, заборавајќи дека и на другата страна станува збор за човечки судбини

Сунчица Уневска

На „Астерфест" публика има секогаш, па така е и оваа година, со оглед на тоа што проекциите на кратките и креативни документарни филмови започнаа уште првиот ден и тоа со маратон од 13 филма, а продолжија со несмален интензитет и за време на викендот. Но, она што е особено, е што на "Астерфест" секој ден пред проекциите се одржуваат средби со гостите и автори на филмовите, а кои се секогаш полни со млада публика. Филмовите, кои ги селектираат Астрид Бусинк и Омар Абу ел Руб, а кои се дојдени од сите страни на светот, овозможуваат навистина неверојатни средби и откритија, неверојатни приказни и настани. Овде ќе издвоиме само два филма и средбата со нивните автори, бидејќи станува збор за нешто навистина особено.

Првиот е филмот за племето Мурси од Јужна Етиопија, кој го направиле всушност двајца туристички работници, Илја Кок и Вилјем Тимерс, поттикнати од тие неверојатни средби на припадниците на племето и туристите, кои секогаш завршувале само со сликање, без интерес на ниедната страна за животот на другите. Филмот се вика "Оние другите" и открива нешто навистина фасцинантно, племе во кое жените си ги сечат долните усни и со текот на времето така ги растегнуваат што во нив ставаат украсни чинии и на тој начин, со таа нивна традиција се сликаат и заработуваат од странците. Авторите ја следат приказната за една холандска жена и една жена од племето, која единствена сакала да зборува. Филмот се претвора во неверојатна критика на нашиот евроцентризам, со кој не сме свесни на каков начин се однесуваме кон другите и како тие учат од животот, што треба да ни понудат за да заработат од нас и да можат да живеат. Многу впечатлива и трогателна приказна, која ве тера да се засрамите.

Втората приказна доаѓа од Црна Гора и во Струмица беше авторот и професор Владимир Перовиќ кој на многу интересен начин ни ја објасни приказната од филмот со чуден наслов, "Животот, приклученијата и одржливиот развој на еден петел". Станува збор за еден традиционален настан во приморскиот град Пераст во Црна Гора, каде што секоја година се одбира петел за да учествува на еден посебен настан. А тој настан е славење на победата на Турците од пред 350 години. "Животот на животното, вели Владимир Перовиќ, може да биде одржлив се' додека не се појави човекот."

Во Струмица веќе пристигнаа македонските автори чии филмови ќе бидат прикажани во програмата "Мери Дионс", а традиционално во неверојатната атмосфера во манастирот во Велјуса се одржа и средбата со годинешните лауреати, која исто така беше посебна по многу нешта.

Извор: Утрински весник