ФРАНЦУСКИОТ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР СТАНА ИНСТИТУТ


Со електронски книги на кафе во Париз


Преуреден, модернизиран и со нови идеи, Францускиот културен центар од вчера е преименуван во Француски институт во Скопје. За сите оние што ќе сакаат подобро да се запознаат со Франција, нејзиното културно наследство, јазикот и секојдневието ќе бидат понудени нови можности.

"Со оваа модернизација сакавме да се обратиме, пред се, на младата публика. Затоа се фокусиравме на медиумите за ширење на културата што тие секојдневно ги користат: интернет, ЦД, ДВД. Физичката модернизација на Институтот е, всушност, само првиот чекор. По него следи комплетната реорганизација на нашата веб-страница и воспоставување на платформа за позајмување на електронски книги што ќе ни овозможи да ја рашириме француската книга на целата територија на Македонија преку интернет-преземање од дома. Овие чекори ќе бидат завршени во текот на летото 2012 година", истакна амбасадорот на Франција Жан Клод Шлумберже.

Министерката за култура на РМ Елизабета Канческа-Милевска, пак, го истакна значењето на соработката со Францускиот културен центар, сега веќе Институт.

"Благодарение на оваа соработка во Македонија ги проследивме гостувањата на познатиот француски театар "Шало" со светски познатиот режисер Антоан Витез, театарот од Марсеј, изложбата на литографии на Марк Шагал, отворањата на Младиот отворен театар со неповторливите претстави на "Пластисиен волан" и трупата "Малабар", Фестивалот на француски филм во Охрид годинава ќе го прослави својот петгодишен јубилеј, гостувањата на Клод Лелуш и Шарл Азнавур..., а секоја година се обезбедуваат и стипендии за десетина македонски студенти"
Со настанот почна и одбележувањето на Месецот на франкофонијата, кое ќе биде одбележано со гостувањето на виолончелистот Готје Каписон, отворање на Неделата на франкофонскиот филм, изложбата на фотографии за Париз, концерти...