Го црта тоа што го носи во душата
"Неговата траума е огромна, тој навечер сонува лоши соништа, а наутро ги пренесува на листот од блокчето. Неговите слики се апстрактни, со темни бои. Тој го црта тоа што го носи во душата. Тој ги црта своите соништа.


 
"Многу ги сакам животните, мачињата и кучињата, но не ги сакам луѓето. Не се добри и ме прават тажен", вака единаесетгодишниот Дарко Недељковиќ од Куманово, почна да ни ја раскажува својата потресна животна приказна.

Дарко е роден со деформитет на двете раце и како дете со траен инвалидитет е сместен во Заводот за заштита и рехабилитација во Бања Банско, Струмичко.

Но, неговата трагична животна приказна не почнува и со сигурност нема да заврши тука. Штитениците на Заводот во Банско ни рекоа дека ова детенце, мало и полно со живот за само осум години сменило дури 19 места на живеење.

"Неговата траума е огромна, тој навечер сонува лоши соништа, а наутро ги пренесува на листот од блокчето. Неговите слики се апстрактни, со темни бои. Тој го црта тоа што го носи во душата. Тој ги црта своите соништа", вака го опишуваат пријателите малиот уметник од Заводот во Банско.

Оние што го познаваат Дарко велат дека тој често плаче за дома, да се врати кај својата мајка, но каде е неговата "дома"? Постојано различно место, постојано некое друго огниште. Се според проценките и плановите на државата и институциите. Постојано во некои нови проекти, нови кампањи за згрижување. Секогаш според некои примери на туѓи западни земји во светот, по некои нови патишта, кај некои други луѓе, некои други туѓинци.

Но, Дарко вели дека има свое семејство, дека тој ги познава своите мајка и татко. За него тоа се луѓето што го чувале пет години во селото Манастирец кај Македонски Брод. Негово семејство се мајка му Благица и татко му Ѓоко Милошевски. Дарко ни откри дека има и сестра, но вели дека таа не му е сестра по крв, туку по срце и душа.

Сестрата по душа се вика Елизабета Панова и таа веќе една година живее во Домот за деца "11 Октомври" во Скопје.
Бети, како што ја викаат пријателите, за петте години поминати со Дарко во селото Манастирец раскажуваше со многу љубов и со солзи во очите. Вели дека во згрижувачкото семејството Милошевски, Дарко стигнал кога имал пет години.
"Во семејството бевме четири деца. Двете биолошки деца на нашите родители, јас и уште едно девојче. Кога го донесоа Дарко, тоа малечко дете без рачиња, сите плачевме. Но, тој рече, немојте да плачете за мене, јас можам да фаќам со рацете, па зеде една чаша, ја наполни со вода и се напи", ни раскажа Бети, едвај држејќи ги солзите да не потечат.
Таа вели дека како постара сестричка постојано се грижела за малиот Дарко. Го чувала на училиште и го бранела од другите деца кои постијано го задевале.

"Во нашето семејство имаше многу љубов. Родителите не сакаа како свои деца. Никогаш не бевме гладни, не бевме тепани. И нивните родени деца не сакаа како вистински браќа и сестри. Но, од сите Дарко беше најомилен во семејството. Можеби поради неговиот хендикеп најмногу го чувавме. Се плашевме да не падне, да не се повреди", раскажува таа, ставајќи ја раката на срце, како да се колне дека тоа што го зборува е вистина.
Нивните родители, како што Бети се уште ги нарекува луѓето кои ги чувале пет години, Даре го научиле да чита, да пишува, со него се однесувале многу внимателно и со многу љубов.

"Тој секогаш ги нарекуваше мамичка и татичко. Мислеше дека тоа му се вистинските родители, кои го оставиле во дом, но се премислиле и повторно го зеле дома. Верувам дека и до ден - денес го мисли истото, бидејќи откако го однесоа во Банско, тој за сите празници се враќаше во Манастирец за да биде со мама и тато. Дојде и за Нова година, но и за Велигден во 2006 година. Оттогаш па наваму не знам дали бил во Манастирец, но знам дека нашите родители биле во Банско да го видат него", продолжува таа со глас што трепери од тага.

За малиот палавко Бети ни раскажа дека многу сакал да се вози на тракторот на тато Ѓоко, ги обожавал свињите и кравите, а најмногу телињата. Тој постојано на мама Благица знаел да и рече: "Мамичке, ај затвориме в котарче да си спијам со телињата".

"Кога социјалните работници од Центарот за социјални работи од Куманово дојдоа да го земат од дома за да го носат во Заводот во Банско, тој плачеше толку многу што целото село разбра дека си оди. 'Не сакам да одам, оставете ме кај мама', така врескаше, а заедно со него врескаше и целото семејство. Но, сепак го однесоа", со голема и тешка воздишка таа ја продолжува приказната за нивната тажна разделба.
Бети, иако е мала, се сомнева дека за разделбата со Дарко се виновни завидиливите соседи, кои ги поткажале на социјалните служби дека семејството не ги чувало како што треба, но се колне дека ниедно семејство на светот, како семејството Милошевски, не е толку полно со љубов кон деца што се земени на чување.

"Јас секое лето одам на гости кај мама и тато, а тие и ден - денес ми велат дека во таа куќа сум дома", вели таа.
Откако се разделени, Бети и Дарко се слушнале само три пати, а се сретнале случајно на хуманитерниот концерт во Универзална сала, кој на 3 декември се одржа по повод Меѓународниот ден на лицата со хендикеп, под мотото "Мојата голема победа".

"Кога го видов Дарко таму, не можев да им поверувам на очите. Трчав надолу по скалите во салата, за да го видам, да го гушнам. Можам само да ви кажам дека плачев од возбуда, целата се тресев од среќа, го гушкав и го бакнував. И цела вечер не се одделив од него", вака Бети ја опиша последната средба со братчето.

Бети е сигурна дека малиот Дарко го познава толку многу што може да се грижи за него, само кога тој би бил доволно блиску до неа. Вели дека може да му помогне да биде добро гледан, добро најаден, добро облечен и да стане добар човек.
"Тој ми е како некој што го чувствувам како свој. Многу ми е тешко што е далеку од мене, зашто знам дека таму пати. Сакам да пораснам и да го посвојам", со солзи во очите ја завршува својата приказна и со длабока воздишка признава дека нејзината желба е само еден убав сон, кој никогаш нема да се оставри.

Дарко сега е петто одделение и има една голема дарба. Тој знае да слика со уста. Неговото прво деби пред јавноста беше токму на хуманитарниот концерт во Универзална сала, заедно со неговото најверно другарче од Заводот Игорче Постолов кој, исто така, црта со уста.
Нивната учителка и ментор по уметност Роза Мојсовска, која веќе дваесет години е штитеник на Заводот, ни рече дека со Дарко и Игор работи повеќе од една година. Во ходникот на Заводот тие имаат едно катче во аголот, каде зад големиот параван се чуваат четките и боите, сликите и штафелаите за цртање.

"За разлика од Игорче кој црта природа, куќички, дрвја и реки, Дарко црта апстракции. Така тој ја искажува својата тага, болка и разочарување. На платното ги пренесува своите стравови и соништа, барајќи утеха и верба во подобро утре", вели Розе.

Роза Мојсовска, која во Македонија е позната како жената што црта со уста, е најзаслужна за почетоците на овие мали уметници. Таа, како добра домаќинка во својата скромна собичка во Банско, ни раскажа дека исто како малите Дарко и Игор, уште како бебе е оставена по разноразни болници и институции и затоа ја разбира нивната мака и болка, па оттука толкава желба и љубов да им помогне. "Кога бев помлада бев многу разочарана зашто сум поинаква од другите. Кога го прочитав Светото писмо сфатив дека Господ ме создал за да цртам, да ја пренесувам мојата љубов на платно, да ја искажувам преку сликите. Тоа е мојата дарба, која сакам да им ја пренесам и на овие мали дечиња", вели таа.

Од 2005 година Розе е член на Светското здружение на лица што цртаат со раце и нозе, а малите Дарко и Игор се стипендисти на истото здружение од 7 февруари оваа година. Во седиштето на Здружението во Лихтенштајн, Розе открива дека имаат испратено многу цртежи од неа, но и од Дарко и Игорче.

"На почетокот многу сакаа да цртаат, им беше интересно. Но, тие се деца и како сите нивни врсници повеќе сакаат да играат, да гледаат филмови, да трчаат со животните во дворот отколку да сликаат. Јас се трудам со сета своја сила да им ја пренесам љубовта кон уметноста и да им докажам дека еден ден преку тие слики ќе станат возрасни и самостојни луѓе", додава Розе.

И покрај својот хендикеп, Дарко е полн со живот. Постојано трчаше по ходниците на Заводот, се возеше со лифтот, ги пречекуваше на портата другите штитеници, а ни откри и дека има задача да и свари кафе на учителката во три часот.

"Ќе се налути ако ја заборавам и ќе ме кара", намигнувајќи како на шега, рече и истрча да си ја заврши задачата.

Биљана Божиновска
Фото: Г. Чочков

„Вест“