ВО ОФИЦИЈАЛНИОТ МАГАЗИН НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

Текстот "Македонскиот бисер на Балканот - Охридското Езеро" е тема на месецот во американскиот месечник, а започнува со: "Македонија. Зборот евоцира слики на древни цивилизации, со луѓе облечени во тоги и сандали, со копја и штитови. Но Македонија, исто така, ја евоцира модерната европска историја..."


Античка Македонија гради модерна демократија.
Со овие зборови е најавен текстот за нашата земја во месечниот магазин кој го издава американскиот Стејт департмент!
Ова официјално државно гласило дури и поместува фотографија од Охридското Езеро и црквата Св. Јован Канео на насловната страница, а текстот насловен "Македонскиот бисер на Балканот - Охридското Езеро" е тема на месецот!

А текстот започнува вака:
"Македонија. Зборот евоцира слики на древни цивилизации, со луѓе облечени во тоги
и сандали, со копја и штитови. Но Македонија, исто така, ја евоцира модерната европска историја-појавата и реорганизацијата на народите по исчезнувањето на Отоманската империја".
Во објективниот преглед, на шест страници, е поместен и став за односот на соседите кон Македонија.

"Историјата и култура на Македонија предизвикуваат дебати во рамките на балканскиот регион. Многу Бугари не го гледаат македонскиот јазик како различен од бугарскиот, многу Срби ја отфрлаат независноста на Македонската православна црква, и - најспорната од сите - Грција не го признава името на земјата", пишува авторката Стефани Роулендс, подвлекувајќи дека спорот со Грција околу уставното име на Македонија го спречува нашето вклучување во Евроатланските институции.

Покрај добрите односи и заедничките проекти меѓу САД и Македонија, во текстот се опишува и Скопје.
"Животот во Скопје, град со некои 600.000 жители, е лежерен и безбеден... Луѓето можат да возат велосипеди долж реката Вардар, да се шетаат низ Градски парк. Планината Водно, со 74-метарскиот осветлен крст, се простира над Скопје... ...патеките на Водно не поврзуваат со езерото Матка...", се вели за главниот град.

Авторката е воодушевена и од останатите делови од нашата земја:
"Националните паркови на Македонија ја прикажуваат убавината на земјата. Водопади, клисури, кањони, планини, ски-падини и полиња со диви цвеќиња може да се видат од добро обележаните патишта. Необележаните патеки може да бидат дури и повозбудливи, и да ве доведат до скриените урнатините од вековното минато, манастири, винарски визби..." се вели во текстот, во кој се напоменува дека "Њујорк тајмс" ја стави Македонија и Охридското Езеро како едно од "31 место каде да одите во 2010 година".

Авторот на текстот е сопруга на Рајан Роулендс, вработен во амбасада на САД во Скопје.

(Де.Т.) ВЕЧЕР

http://vecer.com.mk/?ItemID=72244008AD8585488C509942E7328DBF