Денес (8 февруари 2018 година) во МАНУ, беше промовирана монографијата за Борко Лазески. Со овој настан започна и месецот посветен на Борко Лазески во Националната галерија на Македонија, по кој веќе следната недела (четврток, 15 февруари) е предвидено отворањето на големата јубилејна изложба во чест на овој автор во Даут пашиниот амам.

Со овој проект НГМ, исто така го започнува одбележувањето 70 години од своето основање. Директорката на Националната галерија д-р Дита Старова Ќерими истакна дека значајно е што јубилејот го почнуваат токму со изложба на дела од Лазески, затоа што тој бил првиот в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија-Скопје.

Кога денес ги споредуваме тие високи мигови на македонската уметност со овие бедни кич ветошини од последните десетина години во облик на јавни споменици, сфаќаме колку скапоцено време сме изгубиле и колку во еден миг сме биле многу, многу поблиску до Европа и светот, истакна академик Влада Урошевиќ на промоцијата на монографијата „Борко Лазески - сто години од раѓање“ во МАНУ, посветена на најпознатиот македонски монументалист и втемеливач на витражот во Македонија.

Урошевиќ 1956 година бил сведок кога авторот ја довршувал и поставувал монументалната, 225 квадратни метри „Фреска за НОБ“  во холот на старата Скопска железничка станица, која ја нарече исклучителен миг во развитокот на македонската ликовна уметност. Во облиците на тој мурал, долг 45 метри со над сто човечки фигури, рече, тогаш младите интелектуалци ја откривале традицијата на македонскиот фрескоживопис, како и влијанија од светската монументалистичка традиција, од уметноста на Вилијам Блејк или мексиканските муралисти....

 

- Тоа беше миг на пробивот на една повисока фаза во сфаќањето на односот помеѓу уметноста и општеството. По откривањето на оваа голема фреска пред очите на македонската јавност, веќе ништо не беше исто. Авторот покажа како се создава модерно уметничко дело. Беа потребни уште само неколку години и во Македонија отпорите против модерната уметност се стопија, испарија, исчезнаа, рече Урошевиќ на промоцијата на монографијата која ја објави Националната галерија на Македонија. Во неа се прикажани сите монументални дела на Лазески на територијата на Македонија.

Промоцијата се одржа во свечената сала на МАНУ на чии ѕидови се наоѓа витражот на Лазески „Светлина на минатото“ од 1975 година.

- Благодарение на овој витеаж, Борко е секогаш со нас и секогаш меѓу нас, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити, кој за Лазески рече дека припаѓа во редот на великаните на модерната македонска уметност, со извонреден творечки талент кој го усовршил во познати сликарски школи меѓу кои и во Париз.

 

 Извор.http://cooltura.mk/likovna/promovirana-monografijata-za-borko-lazeski-vo-manu