Девојче во природа

 

1-ви август 2017 год.


„Погледнете ја како е облечена, како ли воопшто ја пуштиле родителите да излезе од дома?!“

Сте ја чуле оваа реченица или некоја многу повулгарна варијанта која вклучува зборови како „простачка“, „неморална“ или „невоспитана“. И ниту еднаш не сте ја чуле да се однесува на машкиот пол. Тоа не е случајно и не е без последици – коментарите од овој тип им всадуваат на жените во свеста уште од најмала возраст идеја дека нивната положба во општеството и однесувањето на мажите кон нив зависат од начинот на кој се облекуваат.

Во основа, зад сите правила на облекување на жената, со кои првпат се сретнуваме кога ќе влеземе во училиште, лежи една едноставна работа – однесувањето на мажите. На девојчињата, наставниците, но и родителите дома ќе им објаснат дека треба „попристојно“ да се облекуваат „за да не ги дразнат момчињата“. Да не ги предизвикуваат. Или иритираат.

„Не повикувај го ѓаволот, облечи се пристојно!“

„Па ти како да бараш некој да те нападне, жено божја?!“

Заборави ги кратките здолништа, ќе те прогласат за неморална. Не со тоа деколте, непристојно е. Шорц? Никако, тоа пристојните девојки не го носат. Претесен фустан, превисоки потпетици, прекратка маичка, и така натаму... и така натаму.

Се прашувам дали истите овие родители им кажуваат на своите момчиња дека жената е нешто повеќе од пар гради, задник или нозе и дека не треба да се носат заклучоци врз база на стилот на нејзиното облекување и дека секоја жена има право да се облекува како што сака? Дека кусокот материјал на панталоните не значи и кусок на морал и на домашно воспитување?!  Дали онака, попатно, им кажале дека проблемот не е во облекувањето на девојките, туку во нив самите, дека мора да научат како да се контролираат?


Џабе се прашувам затоа што го знам одговорот. „Знаете, момчињата во овој период едноставно се такви, не можеме да ги казнуваме за природно однесување“. Секогаш е виновно тоа невоспитано девојче што облекло во шорц или претесни фармерки. „Па ако таа не го сакаше тоа, немаше така да се облекува“, е најчестиот одговор на родителот чие дете е обвинето за насилно однесување кон некое девојче.

И сите кимаме со главите. И на сите ни е нормално и природно жената да е виновна затоа што се облекува на таков начин. И прифаќаме дека мажите едноставно дејствуваат инстинктивно.

Да не бидам погрешно сфатена. Се разбира дека и момчињата и девојчињата треба да знаат како да се облекуваат за разни пригоди, што е за во училиште, а што за журка или за попладневно излегување во град. Целосно ги поддржувам правилата за облекување во училиштата и генерално соодветното облекување и почитување на дрес-кодот – тие правила се создадени со добра причина. Но, не се согласувам дека реакцијата на мажите е таа добра причина!

Престанете на девојчињата да им кажувате како да (не)се облекуваат за да не ги предизвикуваат момчињата. Наместо тоа, научете ги момчињата како да ги почитуваат девојчињата, без оглед дали се облечени во мини-здолниште или во долг фустан. Тоа нема да биде лесно, но е многу важно. И за момчињата, и за девојчињата, и за сите нас.

Љубица Крстиќ

Извор:http://www.fakulteti.mk/news/17-08-01/prestanete_da_im_kazhuvate_na_devojchinjata_kako_da_se_oblekuvaat_nauchete_gi_momchinjata_kako_da_gi_pochituvaat.aspx