Пишува: Владо Ѓорчев-Време

Македонските мотоциклисти цел ден молеа да дадат крв, но никој не им ја сакаше. Се собраа од цела земја, во хуманитарна акција да подарат минимум сто единици од драгоцената течност. Но, на плоштадот Македонија во Скопје немаше кој да ги пречека. Акцијата кај надлежните институции беше најавена една недела порано со сите формалности. Од Црвениот крст им ја откажале љубовта вечерта пред акцијата. Молеа и во Воената болница, но оттаму ги избркаа како да имаат чума. Дали надлежните институции со тоа кажуваат дека мотоциклистите имаат нечиста крв?
Центрите за трансфузиологија катаден апелираат до граѓаните да донираат од драгоцената течност затоа што имаат недостиг. Значи, потреба има, секојдневна, но некој се осмели тие луѓе да ги одврати од благородната хумана акција. Зошто?
Од Црвениот крст на мотоциклистите им било речено дека заради нивна безбедност акцијата е откажана. Од Воената болница, пак, ги одвратиле со образложение дека хуманитарната акција за настраданите од експлозиите во Албанија завршила. Ова ме потсети на времињата кога големи диктатори ги делеа луѓето и според крвната група, откако претходно беа поделени според полот, расата, нацијата. По сите дискриминаторски линија. Тоа време, верувавме, е одамна поминато или заборавено. Но, секогаш има некој што ќе не потсети на него или, како сега, ќе го оживее. Дали не им чини крвта на тие луѓе затоа што имаат долги коси? Или затоа што носат црни елеци? Или, пак, затоа што имаат обетки, црни чизми и бради?
Докторите може да ги сакаат или не мотоциклистите, но нивната крв, посебно ако некој ја нуди доброволно, не смее да се одбие. Ниту лекарската етика, ниту човечкиот морал тоа го дозволува. Ако стотина лица поминале километри пат за да дадат крв, треба да се удостојат и со двете раце да се прифатат. Џабе везат од Црвениот крс демек за нивно здравје не им ја прифатиле акцијата. Не е првпат да се организираат масовни донирања на скопскиот плоштад. Воената болница, пак, има капацитет да прими стотици и стотици дарители на крв. Не може да се оправда со тоа што акцијата за настраданите во Албанија е завршена. Како и да е, ова е лош сигнал за сите крводарители. На оние на кои најмногу им е потребна, најмалку им е важно каква професија или пасија имаат дарителите. Светот се зближува кога се работи за големи хуманитарни акции, а ние не знаеме по кој раб да се раскинеме. Дотаму ли дојдем и според крвта да се делиме?