29.01.2014 год.

 Промоција на PRV.MK

Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Луиза Винтон и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Димитар Трајанов ja промовираа првата Андроид апликација наменета за млади prv.mk.


“Денеска сум посебно среќен пред сe како млад човек, а потоа и како министер за труд и социјална политика што промовиравме една алатка со која што на младите невработени лица ќе им се овозможи брз пристап до информациите за слободните места на пазарот на трудот.

И не случајно тргнавме од девизата: “Од информација до кариера”! Идејата е да им помогнеме на младите преку ИНФОРМАЦИЈА да започнат КАРИЕРА! Токму затоа, денеска промовираме една многу интересна и комуникациска алатка, кул Андроид мобилна апликација, и тоа првенствено наменета за младите со многу симболично име prv.mk, директно поврзана со можностите за вработување, пракса и волонтирање кај младите лица.  И самиот збор ПРВ е кратенка од зборовите ПРАКСА, РАБОТА, ВОЛОНТИРАЊЕ”, рече Спасов и додаде:

“Имено, нам како Министерство, младите ни се врвен приоритет, движечка и моторна сила на модерна и просперитетна држава. Оттаму, вложуваме напори, токму на младите да им понудиме брза, навремена и релевантна информација. Го модернизиравме сајтот на Агенцијата за вработување, а од неодамна почнавме на младите невработени лица регистрирани во АВРМ, да им испраќаме и СМС пораки со инфо содржина на многу теми, од активни јавни огласи, до покани за обуки во Работните клубови и така натаму. Фидбекот е фантастичен, резултатите и интересот покажуваат дека тоа е правиот и единствен начин да се допре до нив и да им се испорача квалитетна информација. И оваа апликација е токму тоа, еден канал плус, една дополнителна информација за слободни работи места, можност за пракса или волонтирање... Свесен сум и јас, свесна е и Владата на Република Македонија дека невработеноста е можеби најкомплексниот проблем со кој што се соочуваме. Но, зголемувањето на вработеноста и отворањето на нови работни места се стратешки приоритет на Владата коишто се реализираат преку поширок сет на мерки и активности. Во политиките за вработување, Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика посебен акцент ставаат  на согледување на реалниот број на баратели на работа, на утврдување на структурата на барателите на работа, како и  на креирање на соодветни активни политики и мерки за вработување. Преку новата веб страна на Агенцијата за вработување, мотивационите обуки,  информативните средби и слично, акцент ставивме и на активностите за зголемување на информираноста на работодавачите и на невработените лица за активните мерки и состојбата на пазарот на трудот и можностите на пазарот на трудот. Една од овие активности за подигање на информираноста е и оваа денешнава”.

Во продолжение министерот Спасов потенцираше  дека сите овие заложби на Владата на Република Македонија резултираа со отворање на над 100 илјади нови работни места од 2006-та до денес и намалување на невработеноста од тогашните 38% на историски најниското ниво од 28,7 %.

“Ќе признаете дека ова не е мала работа и токму ова ни дава мотив да продолжиме и натаму со ова темпо, а денеска од овде од ова место и овој убав повод сакам да ги поттикнам младите луѓе и да им порачам да бидат упорни, настојчиви, да веруваат само во себе и во своите вештини и способности, да се информираат и да ја користат prv.mk.

Во оваа прилика би сакал да им заблагодарам на UNDP и Програмата за развој на Обединетите Нации со чија што поддршка ја направивме оваа апликација, но и на вредните и талентирани студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на нивниот декан бидејќи зачетокот на идејата за ова наше првенче, а и името на продуктот доаѓа токму од младите.

Живееме во ултра динамичен свет на размена на информации, преплавени сме со проток на информации од различни извори: медиуми, социјални платформи, Facebook, Twitter и така натаму и ние со оваа апликација само се обидуваме да го следиме ритамот и очекувањата на младите”, заврши Спасов.

 Извор:  http://www.mtsp.gov.mk/default-mk.asp?ItemID=0ADDA18ACC07D04ABD242FFD0FEDA1D0