Од црквите во Македонија за десетина години се украдени над 10.000 верски предмети


Од црквите во Македонија во последните 10 години се украдени повеќе од 10.000 верски предмети, вклучувајќи и икони со посебна вредност од византиски стил, а досега ниеден од тие артефакти не е вратен, пишува српски „Блиц“.

Во анализата се вели дека во земјата од над 2 милиони жители, се краделе цели олтари, крстови, библии, светила, а последната голема кражба се случила во април во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе, од која се украдени 30 икони, од кои 23 се на Дичо Зограф, еден од најпознатите сликари во 19 век. Неговите дела на продажба можат да достигнат и до десетина илјади долари.

Македонските селски цркви, кои главно датираат во периодот од 15 до 19 век, се богати со верски предмети, и се сметаат за чувари на културниот и верскиот идентитет.

Според податоците на Министерството за култура, околу 200 цркви и манастири се регистрирани како национално богатство, а две третини се многу слабо обезбедувани.

„Поголемиот дел од црквите кои се цел на крадците се наоѓаат во напуштени села. Немаат сигурносни аларми и секој може да ја отвори вратата со удар. Тоа се идеални услови за крадците“, вели Милчо Георгиевски, кустос од Охрид.

Како што пишува „Блиц“, крадците најмногу се фокусираат на црквите во западниот дел на земјата, на границите со Албанија, каде што мнозинството жители го сочинуваат Албанците. Македонските власти сметаат дека кражбите на православните верски објекти се организирани од Албанија, со помош на развиена мрежа на соработници. Според Георгиевски, Албанија можеби е единствениот центар за украдените икони. Претпоставката вели дека тие се продаваат на тајни аукции во Западна Европа и завршуваат во приватни колекции, вклучувајќи ги и оние на руските тајкуни.

Во октомври, полицијата на Тирана запленила 1.077 украдени икони, фрески и други уметнички дела кои датираат од 15 до средината на 20 век.

Бискупот Тимотеј, портпарол на МПЦ, вели дека во тек е средувањето на документацијата и регистрацијата на сите икони на западниот дел од земјата, и изразува надеж дека до крајот на следната година, поголемиот дел од нив ќе се најдат во музејот чија изградба се планира во Охрид.

Тој додава дека десетина од највредните дела се веќе преместени на тајна, безбедна локација, пишува српскиот медиум. (П.Р.)

Извор: Утрински весник