Biblioteka.vo.Babino.jpg
Скопје, 2 јануари 2014 (МИА) - Со фонд од над 20 илјади наслови, бесценето книжно богатство, располага библиотеката „Ал-би“ во селото Бабино, Демирхисарско. во централна Македонија.
Иако има само 33 жители, според пописот од 2002 година, лоцирано на 150-тина километри од Скопје, библиотеката брои 3.000 читатели, а годишно ја посетуваат по 3.500 вљубеници во природата и убавиотзбор.
Со финансиска поддршка на Министерството за култура, во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата, го испечати второто издание на пасош со наслов „Пасош за влез во татковината на книгата“, по илјада примероци на македонски и англиски јазик.
Според нејзините менаџери, благодарение на книгата библиотеката станува возбудлива туристичка дестинација.
Основана е во 1882 година, а сместена е во стара импозантна камена двокатница на крајот од селото. Во оваа „татковина на книгите“ покрај многуилјадниот насловен фонд се чуваат и ракописи и документи од особено значење за национално ослободителната војна и Илинденското востание, како и друг библиотечен материјал што се однесува на просветата, културата, економската и политичката историја на Македонија. Тоа се изданија печатени до крајот на 1946 година, првите изданија на делата на видни југословенски писатели, први изданија на делата на класиците на светската литература, изданија на книги што се печатени во тираж помал од 200 примероци, книги и периодични публикации забранувани и конфискувани книги, книги со ракописни забелешки и посвети на автори, како и ракописи на македонски најзначајни автори.
Токму поради ваквото богатство со акт од 2004 година на Министерстеото за култура библиотеката е прва во државата која исполнува посебни услови за основање и работа и внесена е во адресарот на невладини организации за соработка со Собранието на Репубпика Македонија.
Во фондот на библиотеката се чуваат и првите македонски изданија по ослободувањето, голем број весници, списанија, публикации, звучни записи, научно-истражувачки проекти, географски карти, фотографии и сл. Најголем број од книгите се од обпаста на книжевноста, историјата, психологијата, педагогијата, музичката уметност, лингвистиката и друго.
Во тек е постапка за утврдување на библиотеката како неформална културна резиденција, како и изработка на елаборат за валоризацијата на библиотечната збирка.
Инаку, најголем број од книгите се печатени во културни центри ширум светот како Белград, Загреб, Виена, Женева, Лајпциг, Минхен, Багдад, Техеран, Дамаск, Истанбул, Москва и Санкт Петербург. Библиотеката има плодна соработка со голем број институции и поединци во државата и во странство, а меѓу нејзините пријатели се и Светска банка, УНЕСКО, Центарот за конзервација и реставрација „Монт Оливет“ од Италија, Конгресната библиотека во Вашингтон, Британската библиотека во Лондон.
Од неодамна во состав на библиотеката е отворена етно-соба и изграден е првиот приватен амфитеатар.
Амфитеатарот е изграден од вештите раце на ѕидарите од Пустец. Располага со капацитет од 150 седишта и е свртен кон Сонцето како еден од најсилните белези на се што е македонско. Тоа е место каде се случуваат промоции, предавања, книжевно-публицистички трибини, литературни читања и музичко-сценски настапи.
Етно-собата, пак, е со површина од 16 метри квадратни и во неа се сместени повеќе од 120 експонати изработени од материјали како дрво, платно, бакар, месинг и керамика и го отсликуваат ова поднебје со целата негова естетска и музејска вредност.
За негувањето на култот кон книгата во ова живописно место со прекрасна природа сведочи и членската карта која се издава во вид на пасош како симболичен влез во татковината на книгите. Во нејзината архива се заведени 3.000 читатели и просечно 3.500 посетители годишно кои наминуваат случајно или намерно.
Бибпиотеката „Ал-Би“ е носител и на наградата „Крсте Петков Мисирков“.
Бабино, ќе речат, постојано чека гости - оние што тргнале, но и оние што се уште не знаат дека се очекувани. Тие треба да бидат подготвени да уживаат во боите на природата и убавината на книгата.
Вистински творечки феномен претставува и Демирхисарската област со своите преку 70 автори. Низ пределот поминува реката Црна, најдолгата десна притока на Вардар. Областа е накитена со живописните планини Илинска, Плакенска и Бигла. Во нивните пазуви се сместени и Слепчанскиот, Журечкиот и Топличкиот манастир во кои низ вековите се одвивала богата книжевно-препишувачка дејност.

ва/паг/13:12- МИА