ОТКРИТИЕ

Американските научници од Универзитетот од Калифорнија развиле техника со која е можно да се читаат и да се гледаат туѓи мисли. Тимот, предводен од професорот Џек Галант, со споредување на скенираните активности на мозокот, во 90 проценти од случаите успеал точно да предвиди на која од 120 прикажани слики се концентрирале доброволците. Во текот на експериментот, биле користени скенери МРИ, какви што се употребуваат во болниците за следење на активностите на мозокот.

Научниците осмислиле компјутеризирана техника за читање мисли со која ќе може да се видат слики од тоа за што размислува личноста што ја гледа сликата. Податоците од мозокот на доброволците биле регистрирани со скенер и поврзани со точки во сликата. Оваа поврзаност меѓу активноста на мозокот и сликата била користена за да се идентификува која слика ја гледаат доброволците. - Наскоро ќе биде можно да се реконструира сликата од визуелното искуство на некоја личност, така што само ќе се мери активноста на мозокот - изјавил Галант.

Оваа техника еден ден би можела да послужи како основа за дизајнирање направа, која на монитор ќе ги проектира мислите, а која би можела да го зголеми нашето разбирање за состојбата на мозокот кај лицата во кома. Иако ова истражување по малку личи и на научно-фантастичните филмови во кои постои „мисловен криминал“, експертите потенцирале дека таа ситуација се уште е далеку.

Всушност, засега читачот функционира само со слики што луѓето веќе ги виделе, а се потребни часови за да се усогласи сликата со активноста на мозокот. - Декодирањето на мозочната активност, сигурно, ќе отвори сериозни етички прашања за околу 30 до 50 години. Веруваме дека никој присилно не би требало да биде подложен на читање мисли - заклучил Галант.