"ПРАЗНУВАЊА НА СВЕТИ ЧЕТИРИЕСЕТ МАЧЕНИЦИ ВО ШТИП" НА ЛИСТАТА НА НЕМАТЕРИЈАЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО


Историски настан: Покрај Охрид, УНЕСКО го заштити и македонското "Чет'рсе"!


Пофалната реченица "Охрид е единствениот на листата на УНЕСКО од Македонија" замина во историјата бидејќи вчера УНЕСКО одлучи да заштити уште едно добро од Македонија! На репрезентативната листа за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО од вчера е впишано "Чет'рсе - празнувања на свети четириесет маченици во Штип". Одлуката е донесена на 8-та седница на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за нематеријално наследство, која се одржува од 2 до 7 декември во Баку, Азербејџан.

"За нашата земја, оваа одлука во областа на културното наследство претставува историски настан, бидејќи ова е прво македонско нематеријално добро впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО, а со тоа стана и дел од светското нематеријално културно наследство со непроценлива универзална вредност", велат од министерство за култура.

Патот на ова празнување започна во 2011 година кога Националната комисија, во соработка со Министерството за култура, ја поднесе апликацијата до УНЕСКО, заедно со апликацијата на "Копачката" - машко соборско оро од село Драмче, која ќе се разгледува на наредната седница на Комитетот во 2014 година.

"Во духот на прославувањето на 10-годишнината од донесувањето на една од најважните конвенции на УНЕСКО, Конвенцијата за зачувување на светското нематеријално културно наследство, нашата земја ќе го прославува и првото впишување на македонското добро на оваа престижна листа на човештвото", велат од Министерство за култура. (Де.Т.)

"Чет'рсе" во друштво со Вашоку, Санкиртана, Квеври...
На листата на УНЕСКО деновиве место најдоа уште десетина нематеријални добра од целиот свет. Меѓу нив е и Вашоку, специфичен јапонски начин на подготвување и служење на храна за Нова година, па Епската трилогија за Манас, Семетеј и Сајтек од Киргистан, Санкиртана - ритуално пеење, тропање и играње од Манипур, Индија, Квеври - стар грузиски начин на подготвување на вино...

И турското кафе е нематеријално културно наследство
УНЕСКО вчера одлучи да го вклучи и турското кафе во списокот за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО. На седницата учествуваа околу 800 претставници од 116 држави. За време на состаноците биле разгледани вкупно 38 предлози. А тоа за вклучување на турското кафе во листата на светското нематеријално културно наследство било прифатено со значително мнозинство.

Вклучувањето во листата и под заштита на УНЕСКО се смета за големо признание за кафето, што зазема важно место во битови на турското општество не само како традиционален пијалок, но и како средство за комуникација, неизбежен дел од голем број традиционални ритуали, гостување, дијалози, споделувања. "Срцето сака размена, кафето е само изговор", гласи многу популарна турска поговорка.

 

05.12.2013 год.