04_marsej_izlozba-320

Изложбата, која е во рамките на македонското претставување во Марсеј - градот кој годинава го носи епитетот „европска престолнина на културата“, ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во своето обраќање пред многубројните посетители таа истакна дека е ова извонредна можност за граѓаните и посетителите на Марсеј да се запознаат со македонското богатство од рачно изработени носии кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи.

„Македонија отсекогаш била точка на среќавање на најразлични етноси со различни уметнички, религиозни и културни вредности, а материјалните докази од ова присуство денеска кај нас живеат во боите на народните носии, во одблесокот на накитот, во ритуалноста на обичаите...

06_marsej_izlozba-640

Носиите украсени со скапоцени камења и седеф, како и уникатните парчиња филигран, претставуваат природна симбиоза меѓу вештината на занаетчиите и безвременскиот допир на уметничката креација. Затоа чувствувам неизмерна гордост што пред вас вечерва се артефактите кои се сведоштво за нашето минато, но и за нашата грижа за вредностите што ги наследивме од претходните поколенија“, истакна Канческа-Милевска.

05_marsej_izlozba-640

„Вечерва Македонија е во Марсеј, додаде министерката за култура, а само за неколку дена ќе бидеме и во Ница, на Седмите франкофонски игри, што доволно говори за желбата да се надминат сопствените граници и да се даде искрен придонес во градењето на заедничкиот, европски идентитет“.

07_marsej_izlozba-640

09_marsej_izlozba-640

08_marsej_izlozba-640

На отворањето на изложбата му претходеше настапот на македонскиот перкусионист Зоран Маџиров, кој на оригинален начин, преку музицирањето на шишиња, ги обедини ритмите на македонската традиционална музика со класичната музика и со џезот, предизвикувајќи воодушевување придружено со бурен аплауз од многубројната публика.

Изложбата „Традиционални носии и накит од Македонија“ и настапот на Зоран Маџиров предизвикаа голем интерес и кај медиумите, кои во голем број ја проследија презентацијата на македонската култура.

012_marsej_izlozba640

Во музејот „Куќа на занаетчиството и уметничките занаети“ министерката се сретна со директорот Жослин Грендорж-Забала и со Жак Рока Сера, заменик-градоначалник на Марсеј и претседател на музејот. На средбата, претседателот на музејот го истакна задоволството што изложбата на македонски носии и накит е 200-тата изложба презентирана во 30-годишното постоење на музејот и изрази желба македонската култура и во иднина да биде дел од програмата на овој музеј. Министерката за култура се заблагодари за гостопримството и истакна дека преку изложбата посетителите ќе се запознаат со традицијата и со обичаите на народите од Република Македонија.

Претходно, денеска, министерката Канческа-Милевска оствари средба и со сенаторот и градоначалник на Марсеј,  Жан-Клод Годен.

 

Извор: Министерство за култура на Р.Македонија