02_NUB_Sv_KO-640
Отворени новите простории на Американското катче во НУБ „Св Климент Охридски“
Четврток, 24 Јануари 2013 21:00
Е-пошта Печати PDF

Во Скопје денеска се отворени новите простории на Американското катче, место каде граѓаните може да добијат повеќе информации за Соединетите Американски Држави, да учат и да се запознаат со американската култура, уметност, историја, но и политика. Американското катче во НУБ ќе нуди бесплатни информации за САД преку книги, списанија од различни области во печатена и електронска форма како и бесплатен пристап до интернет. Тоа ќе биде место и на бројни предавања, проекција на филмови, работилници, дискусии, а ќе нуди и можност за консултации, студии и студиски престој во САД.

05_NUB_Sv_KOa-250

На свеченоста се обрати министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која посочи дека Американското катче е информативен центар и главен поттикнувач на меѓукултурната и образовната размена на искуства меѓу домашната и американската јавност.

 - Соединетите Американски Држави се наша голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач и денеска навистина можеме да се гордееме со сето она што успеавме низ годините да го постигнеме. Катчето во Скопје, заедно со останатите четири кои функционираат во државата се само уште едно место повеќе каде заеднички можеме да размислуваме и да ја планираме иднината истовремено зацврстувајќи ги партнерските односи и искреното пријателство меѓу македонскиот и американскиот народ, рече Канческа-Милевска.

05_NUB_Sv_KOa-250- Централната локација на катчето ќе овозможи тоа да пружа информации, активности и можности за уште повеќе граѓани особено за студентите  од околните институции. Понудата што катчето ја има во комбинација со понудата на НУБ ќе овозможи повеќе ресурси за повеќе луѓе во овој убав и природен простор. Како едно од 800-те американски катчиња и простори во светот Американското катче во Скопје ќе овозможи пристап до најновите исцрпни информации за САД и ќе ги поврзе американските граѓани со тие на земјата домаќин преку дискусии за политиката, културата и вредностите на САД, рече амбасадорот Волерс.

Според него, како што Македонија се соочува со сопствени предизвици, политички, економски или социјални, ова Американско катче ќе претставува место каде што луѓето ќе можат да дојдат да истражуваат нови идеи и да ги следат своите соништа за подобар свет.

- Сакаме другите да учат од нашите успеси, но и од нашите предизвици и грешки и да ги примат материјалите и искуствата со цел да изградат сопствени поцврсти заедници. Се надевам дека многумина ќе ги искористат бројните програми што ги нуди катчето, порача амбасадорот Волерс.

Според директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“ Миле Бошевски една од задачите и функциите на Националната библиотека е да ја запознава македонската јавност со културното и научното богатство и можности на другите земји и да ги приближува културно историските вредности на нашиот народ до другите народи. Тоа, додаде, се поклопува со мисијата на американските катчиња да градат мостови меѓу народите.

Во НУБ, покрај Американското катче, веќе функционираат и Британскиот совет, германската читална, Домот на кинеската култура и руската читална. Катчето во Скопје прв пат беше отворено во 2005 година во простории на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

 

Извор: Минстерсво за култура на Р:Македонија