Улогата на медиумите во демократските општества е суштествена. Тие се еден од најважните индикатори на квалитетот на демократијата која се практикува во едно општество. Плурализмот на медиумите е лакмусов лист на плурализмот во самата земја, а недостатокот на медиумски плурализам е еден од првите индикатори за гушењето на плурализмот во самото општествaо. Ако така стојат работите со медиумите, а така е по казанија и писанија на многу умни и искусни глави, тогаш нашите медиуми откриваат многу грда слика за квалитетот на нашето демократско битисување.

 

 

Доминира ефтиното и неквалитетното
Ако се погледнат програмските понуди на домашните телевизии очигледен е процесот на постојано осиромашување на содржините, како по тип, така и по квалитет. На телевизиите доминира ефтиното и неквалитетното, тоа се „продава“ најдобро, и ја зацврстува интероперабилноста на ефтини трошоци и високи профити. Плитки и ефтини забавни содржини собрани од балканските тв-тезги, урнисани информативни програми сведени на некакви наречи-редакции кои наместо да произведуваат вести, трачаат по пиар активностите на партиите (со сета чест на исклучоците, кои за жал се маргинализирано малцинство). Дебатите се веќе дел од културното наследство на минатиот милениум, а истражувачкотото и аналитичко новинарство се мислени именки. Сето тоа секако не е случајно. Сервилното и клиентелистичко пара-новинарство е подолг проект кој ете сега конечно ги доби своите завршни контури. Прашањето е само колку ќе трае сето тоа. Во оваа повеќе од сива слика на медиумите целосно се вклопува и јавниот сервис, кој засега преку „шминкање“ на студијата и откупување холивудски филмски програми, се обидува да го затскрие своето неисполнување на јавните функции, особено во делот на информативни и образовни содржини.

 

 

Купиште фиктивни сериски драми и мелодрами
Во овој текст ќе се задржам на далеку поопскурната улога на сапуниците во обликувањето на нашата реалност и кои се главните ефекти од нивното агресивно истурање во етерот. Сапуниците кај нас се одомаќија како термин, кој иако означува само еден поттип, овде, синегдохично, вклучува содржини од различни продукции и меридијани, од историски инспирирани серијали до теле-новели. Сепак, во суштина се работи за купиште фиктивни сериски драми и мелодрами. Фиктивноста е важна одлика дури и на историски инспирираните серии или сапуници. На пример во „Величенствениот султан“ фиктивноста може да ја посведочите во раскошноста и бројноста на женските деколтеа на султановиот двор, што баш и да нема некоја историска поткрепа. Впрочем, неофицијално, ваквата холивудизација на женските ликови била една од главните причини за острите реакции на турскиот премиер Таип Ердоган кој се закани и со забрана на овој серијал заради, според него, грубо искривување на историските факти од отоманското наследство.

 

Истражувачите на популарната култура наведуваат дека сапуниците често претставуваат просто наличје на информативните програми и всушност им овозможуваат полесно да ја исполнуваат својата индоктринирачка или пропагандна функција. Се работи за наизменичност на когнитивната манипулација, присутна кај вестите, и афективната манипулација, доминантна кај сапуниците. Низ мешање на овие два различни, но надополнувачки, процеси се олеснува пренесувањето на клучните пораки и издејствувањето на посакуваните реакции (или пак пасивизација) на публиката. Низ нивната интеракција, методите на убедување од едниот се прелеваат кон другиот тип и создаваат динамичка целина на сврзани садови кои го вртат вниманието на јавноста од важните теми, но и ја ништат постапно нивната способност да ги видат работите критички и самосвесно.

Во таа смисла, негативните ефекти на сапуницизацијата на етерот се разгрануваат во два правци: (а) затапување на публиката и тривијализација на свеста и (б) поткопување на способноста кај јавноста за критичка опсервација на реалноста.

Првиот дел, прилично јасен, доловува како сапуниците ја туркаат публиката, алиас јавноста, кон ескапизам, бегање од реалноста и игнорирање на нејзините директни ефекти и последици. Ескапизмот како феномен е краен контра-пол на општество кое создава услови за активни граѓани кои се исправаат за своите правдини, граѓани кои вршат легитимен притисок и врз институциите и врз своите избраници, заради своето сопствено, општо или јавно добро. Пасивизацијата на јавноста е еден од главните ефекти.

Во таа смисла, кога бројот на информативни, аналитички, истражувачки, дебатни и други „рационалистички“ медиумски форми се намалува или исчезнува, апатијата, неангажираноста, фрагментираноста на масите, анемичноста и слабоста на гласот на јавноста се само некои од ефектите на спомнатото „затапување на свеста“ на јавноста, а медиумите се нејзини директни извршители. Обично преку именувањето на овие програми како шунд, кич, и други синоними за ниска култура, се критикува загрозувањето на онаа вистинската возвишената култура, но во реалноста вистинската жртва е рационалната јавност, а не високата култура.

Вториот клучен ефект на сапунизацијата на етерот е поткопувањето на способноста за критичка опсервација на реалноста. Според методот на т.н. „поткожна игла“ изложеноста на сапуници постапно ги преосмислува нашите очекувања и потреби од медиумите. Имено, медиумите од средство за информирање стануваат примарно технологија за исполнување на некои наши потреби и нагони за припадност, блискост, сродност, емотивна приврзаност, односно во телевизорите гледаме некаков вид на самозадоволувачки (либидинален) апарат. Забавноста, доминацијата на афектот и емотивноста се прелеваат и врз информативниот дел, па резултат од ова е распад на системот на рационално конзумирање информации. Публиката од, да речеме, широкиот спектар на понудени информации (што кај нас баш и не е случај, неслучајно) се приврзува само кон еден мал дел информативни содржини кои се блиски до нејзиниот личен поглед на светот и постапно се исклучува од останатите аспекти и погледи на реалноста. Ова е т.н. премин од „медиумот како прозорец“ во модел на „медиум како огледало“, односно во медиумот барам потврда на моите погледи на реалноста, а не поле за некакво осознавање, размена и трансфер на информации, ставови и други форми на корисна комуникација. Еден од клучните негативни ефекти од ваквите процеси е неможноста на поединците да функционираат надвор од своите потесни социјални групи, што силно влијае на сегрегацијата во општеството. А сегрегацијата, по таа нишка од лошо кон полошо, води кон растење на конфликтите и конфронтациите пво средината.

Наместо заклучок, кој ви го препуштам вам за тоа колку сапуниците се или не се дел од нашиве општествени превирања, важно е да се подвлече дека медиумската култура е неодвоива од демократската култура и амбиент, па ако немо гледаме како тие пропаѓаат, треба да бидеме свесни дека со нив јабана ојдоа и могу покрупни вредности за кои барем тврдиме дека ни се важни.

И да не заборавиме контролата на медиумите е контрола и на општеството.

 

Извор: http://komunikacii.net/01/14/sapunici2/#ixzz2I1rm5HDK