Антони Лазески и Виктор Недески, студенти по теологија во Грција

Се чекаме кај големата камена порта во Солун. Околу има мал плоштад, а од спротива се наоѓа црквата „Пресвета Богородица“. Од другата страна на улицата се гледа зграда на која пишува: „Македонија се наоѓа во Грција“. Се појавуваат две насмеани млади лица. Антонио и Виктор се студентите по теологија, кои доаѓаат од Република Македонија. Тие се првите студенти од нашата земја што учат на државниот богословски факултет во Солун. Рекоа дека се наоѓаме на местото наречено Камара. Тоа е во центарот на градот. Се понудија да ни помогнат да се паркираме. Рекоа дека постојано пешачат, па поради тоа го познаваат секое место.

Јуни е. Сонцето пече, а наоколу врвулица луѓе во лесна летна облека. Тргнавме во посета на Теолошкиот факултет и на црквите во Солун. Патем постојано зборуваме. Не се воздржуваа да одговорат на кое било прашање. Ни ја објаснуваа историјата на секој споменик крај кој поминувавме. Секој збор им беше одмерен и прецизен. Момчињата дејствуваа зрело и многу посериозно во разговорот од многу нивни врсници.

- Грците се изненадени кога ќе слушнат дека доаѓаме од Македонија и дека студираме на Теолошкиот факултет во Солун. Не сме имале никакво непријатно искуство. Не се случила ниту најмала провокација, за да се почувствуваме непожелно. Сите се културни и постојано ни велат дека им е криво што двете држави се во лоши политички односи. Голем дел од нашите грчки пријатели се позитивно настроени кон Македонија и кон проблемот со Македонската православна црква - објаснуваат студентите.
Токму поради македонското потекло не останале анонимни на факултетот.

- Сите нѐ поздравуваат. Омекнуваат кога ќе им се обратиме на грчки јазик. Некои професори дури се обидуваат да најдат историско или канонско решение за нашиот црковен проблем - додава Антонио.
Велат дека во главата постојано им одѕвонуваат зборовите на нивен близок духовник, кој им кажал дека тие треба да ѝ бидат од корист на црквата, а не таа ним. Тоа им е водилка да истраат во студиите.

Деца на Бигорскиот манастир

Антонио Лазески има 22 години и по потекло е од Кичево. Неговата определба да студира теологија е уште од детството. Завршил средно богословско образование во Скопје, а петгодишниот престој во интернат го натерал да биде истраен и упорен во трасирањето на животот. Вели дека со божја помош успеал да ја надмине маката од разделбата од семејството. Сето она што го осознавал преку теологијата му овозможило да ги покрие кризните моменти на оддалеченост од блиските.

- На матурскиот ручек во 2009 година дедо Тимотеј  и дедо Агатамгел ми соопштија  дека со помош на отецот Партениј од Бигорскиот манастир одлучиле да заминам на студии во Солун. Така и се случи. Неколку месеци подоцна нѐ известија дека сме примени на одделот за пастирско и општествено богословие - вели Антонио.

Додава дека во почетокот стравувале од тешкотии поради непознавање на грчкиот јазик.
- Не знаевме ни каде ќе живееме. Пред заминувањето се случи пожарот во Бигорскиот манастир, па работите се искомплицираа. Во Солун отидовме сами. Првите денови ни помогнаа пријателите на отецот Партениј - објаснува Антонио.

Виктор вели дека пред почетокот на студиите прво морале да го изучуваат грчкиот јазик. Четири часа дневно, секој ден во неделата, освен во викендите, учеле грчки.
- Завршниот испит беше обемен. Нашите резултати беа солидни - вели Виктор.

Влегуваме во црквата „Свети Димитрија“, која е заштитник на градот. Преполно е со туристи што се поклонуваат пред моштите на свети Димитриј. Антонио и Виктор ни раскажуваат за црквата, за нејзиното основање, за тоа кога биле донесени моштите.

По посетата на црквата се упативме кон кејот. Почнавме разговор со Виктор. Доаѓа од Охрид, од семејството Недески, кое во минатото не дало теолог.

- Мајка ми е економистка, а татко ми е ортопед. Завршив гимназија, по што решив дека ќе студирам теологија. Со години фамилијарно го посетуваме Бигорскиот манастир. Така и ми се роди љубовта кон бог. Во изборот никој не ми попречуваше. Најважно е сѐ да се прави со љубов - истакнува Виктор.

Студии во Солун, работа во Македонија

Седнуваме на кафе. Разговорот ни го прекинуваат звуци на хармоника. Ни приоѓа момче од десетина години, кое го држи инструментот во раце. Застанува до нас. Нѐ слуша дека зборуваме на македонски јазик. Вели дека е од Струмица. Дошол да свири по улиците на Солун. Кратка средба и си заминува.
Антонио и Виктор раскажуваат дека се првите студенти што официјално студираат на државниот теолошки факултет во Солун. Од МПЦ добиле и стипендија.

- Црквата нѐ испрати да научиме теологија, да научиме јазик. Нѐ испратија за да се вратиме. Веруваме дека ќе ја оправдаме довербата. Со тоа што сме дошле да студираме тука сме се ставиле на послушание на црквата - одговараат момчињата.

Сепак, сметаат дека придобивките од студиите во Солун се многу поголеми отколку студирањето во Македонија. Велат дека библиотеката на факултетот има над  сто илјади наслови и најголема централна збирка на книги во Грција. Понекогаш библиотеката им подарува некои од книгите.

Сепак, планот на Антонио и на Виктор е по студиите да се вратат назад во Македонија и тука да продолжат да се усовршуваат како теолози.

- Никогаш не се случило да се почувствуваме дискриминирано од грчките студенти. Не сме добиле пониска оцена од заслуженото поради тоа што сме Македонци. Се случи на за време на испитот да дебатираме со професорот на историските и црковните податоци меѓу Македонија и Грција, но и покрај различните мислења, на крајот добив највисока оцена. Наученото е најбитно - вели Виктор.

Според нив, сите се свесни дека проблемот со автокефалноста на МПЦ е повеќе политички отколку црковен. И покрај тоа што доаѓаат од непризнаена црква, биле прифатени како истоправославни.

- Нѐ поддржуваат да работиме за нашата црква и да помогнеме во добивањето на автокефалниот томос, односно МПЦ да го добие тоа што ѝ припаѓа историски и канонски - додава Антонио.

Решението е токму во тоа, се согласија момчињата. Да се престане со политичко и со националистичко влијание и да се разговара преку јазикот на љубовта.

Антонио и Виктор се заслужни и за посетата на грчките студенти во МПЦ, која се случила пред некој месец, а која помина без медиумска покриеност. Биле примени и од архиепископот г.г. Стефан.
- Ние го пробивме мразот. Веќе воспоставивме добри односи. На оние што ќе дојдат по нас ќе им биде полесно - смета Антонио.

Византиско пеење и во МПЦ

Теологија секаде може да се изучува, но на Солунскиот универзитет има огромна традиција на општо црковно пеење. Токму тоа е причината за главната преокупација и желба на двајцата студенти. Тие сакаат да се занимаваат со пеење на византиската музика, која била традиционална црковна музика во Македонија, но поради некои општествени и црковни влијанија била прекината.

- Дојдовме на изворот. Да бидеме образовани црковни музичари и да ја најдеме нашата загубена традиција. Византиското пеење би сакале да го внесеме како предмет во средното богословско училиште и на Богословскиот факултет. Сакаме да го вратиме стариот стил на пеење и на богослужбите - додава Антонио.

Се обидуваат да направат превод на некои пеења, односно преводот на македонски јазик го ставаат во источни црковни ноти, што претставува византиско пеење.

- Со студентите од словенските земји Бугарија, Молдавија, Украина формиравме хор со византиско црковно пеење. Нѐ обедини љубовта кон византиското пеење и словенскиот јазик - додава Виктор.
Солунските професори по теологија се воздржани околу целата состојба со Вранишковски, поранешниот владика во МПЦ, односно спасот од состојбата на МПЦ не го гледаат во него.

На разделба ни рекоа неколку поуки. Велат дека тоа нѐ учи да станеме добри христијани, добри луѓе, а дека другото е во божји раце. Токму човечката добрина е спас за илјадници луѓе.
- Ако се молиме за доброто на светот, тоа само ќе дојде!


Црквата нѐ испрати да научиме теологија, да научиме јазик. Нѐ испратија за да се вратиме. Веруваме дека ќе ја оправдаме довербата.

Извор:  Нова Македонија