Струмица, 18 декември (МИА) - Според бројот и разновидноста на ископаните предмети од керамика, археолошкиот локалитет околу среновековниот манастирски комплекс „Св. Леонтиј“ кај Водоча, претставува најбогато вакво наоѓалиште не само кај нас туку и на Балканот.

На овој локалитет во текот на досегашните ископувања археолозите од Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј од Струмица открија стотина нови некрополи кои потекнуваат од 14. до 16. век, потоа остатоци од водовод и манастирска бања, темели на ранохристијански цркви од 5. и 6. век итн., при што е пронајден и евидентиран богат керамички материјал кој го надополнува мозаикот за културно-историскиот и духовниот развој на овој регион низ вековите.

Инаку, покрај целосното заокружување на истражувањата сврзани со Водочкиот манастир, во фокусот на програмските активности на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Струмица, финансирани од Министерството за култура на Република Македонија, досега беа опфатени и темелни археолошки ископувања на локалитетот Орта Џамија, под која се пронајдени и темели на ранохристијанска базилика, потоа на познатиот комплекс Цареви кули  - средновековна тврдина во непосредна близина на градот, како и на локалитетот околу црквата „Св. 40 Севастиски маченици“ и римската терма во Бања Банско кај Струмица. ив/гс/12:33