Скопје, 25 декември 2010 (МИА) - Околу 7.000 вредни артефакти откриени на повеќе од 20 археолошки локалитети во земјава се дел од четвртата традиционална годишна изложба на движни археолошки предмети што денеска беше отворена во Музејот на Македонија.

- Македонија отсекогаш била крстосница на различни цивилизации кои зад себе оставиле безброј докази за едни далечни времиња, докази за нашето минато. Затоа добиените сознанија за материјалната култура на луѓето кои живееле на овие простори низ вековите од праисторијата, антиката и средниот век, биле предизвик како за домашните, така и за странските истражувачи, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето пред отворањето на изложбата.

Изложените експонати изработени од злато, сребро и бронза, керамика, килибар и стакло, се само дел од над 300-те илјади артефакти ископани во изминатите неколку години на Скопското Кале, Скупи, Стоби, Хераклеа, Плаошник, Кокино, Баргала, Исарот, Стибера, Цареви кули, Тетовско кале,...

- Во музејските витрини се исложени и златни монети од 13. и 14. век пронајдени на Скопската тврдина, златни монети од 10. век пронајдени на Винишкото кале, сребрени венецијански монети од богатите депоа на Плаошник, бисти и статуи од мермер, голем трезор археолошко богатство кое останува во наследство како фундаментално за сегашните и идните генерации, истакна Канческа Милевска.

Заштитата и вреднувањето на културно-историското наследство, напомена министерката, е постојана грижа на Владата пред се поради фактот што низ него се потврдува постоењето на македонскиот идентитет.

Во истражувањето беа вклучени речиси сите археолози, многу млади архитекти, конзерватори и други стручни лица, како и околу 3.000 работници. Благодарност до нив, пред отворањето на изложбата и многубројните посетители и гости, искажа и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман. мч/16:07