Бронзена фигура стара преку 2.300 години откриена на Плаошник



Бронзена фигура стара преку 2.300 години откриена на Плаошник

 

Александра Бубевска

23.05.2007

 

Бронзената фигура на човек со крила, наречена „Дедал“ е пронајдена под мозаичната површина на археолошкиот локалитет во Плаошник во Охрид. Била откопана пред два месеци, од црвена земја која содржи најмалку хемикалии и придонела фигурата да биде сочувана.


Била обвиткана со голем слој на платина, па во прв момент не се знаело за каков предмет се работи. Откако ја исчистиле, археолозите сфатиле дека ова е единствено откритие, слична фигура досега не е пронајдена никаде на Балканот, а и пошироко.

„Досега во литературата не сме нашле, ако некаде го кријат во некоја депо како јас што ги кријам археолошките предмети во депо, бидејќи не можам да ги изложам, тогаш можеби има, ви литературата не сме сретнале, на интернет не сме нашле, ова е единствен археолошки експонат, кој што не знам колку ќе им се допадне на нашите комшии, но нас многу ни се допаѓа“, изјави Паско Кузман, директор на Управа за заштита на културно наследство.

„Веројатно претставувал украс, но во некоја симболична смисла. Како дошол тој култ на овие простори, тоа треба да го проучиме, бидејќи ова е навистина ретка работа, најдена на Плаошник во Охрид, што значи, сигурно има некое трнасконтинентално значење, кое сега правилно не можеме да го детектираме“, додаде Кузман.

 

Бронзената фигура на „Дедал“, наречена така според старогрчкиот мит за таткото и синот Дедал и Икар, кој е од непроценлива вредност, но кога би се нашла на аукција, нејзината најмала цена би изнесувала еден милион евра.

Денеска, ова исклучително археолошко откритие, прв го разгледа премиерот Груевски. Фигурата под специјални услови ќе се чува и истражува во Музејот во Охрид.
 

 



 

Претставена скулптурата на митолошкиот летач Дедал откриена на Плаошник


 
 Скопје, 23 мај (МИА) - Последното големо археолошко откритие скулптурата на митолошкиот летач Дедал откриена неодамна на локалитетот Плаошник во Охрид, денеска првпат беше презентирана пред премиерот Никола Груевски и пред медиумите.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Паскo Кузман изјави дека премиерот Груевски е најзаслужен за пронајдокот.

- Бронзената скулптура е најверојатно единствена од ваков вид на Балканот и пошироко, бидејќи досега слична на неа нема забележано во стручната литература. Се претпоставува дека датира уште од вториот век пред нашата ера. На која било светска аукција почетната цена на охридскиот Дедал бил била најмалку милион евра, истакна археологот Паско Кузман, оценувајќи го како непроценливо историското значење што го има оваа фугура за Македонија.  

Археолошките ископувања на Плаошник ги финансира Владата во рамките на проектот за возобновување на Свети Климентовиот Универзитет во Охрид. рп/ссм/19:58