Скопје, 12 мај 2010 (МИА) - Грне со 46 златни византиски монети од 13 век, кога со Скопје владеел Јован Трети Дука, и уште 77 венецијански сребрени монети од периоди на различни владатели откриле археолозите на скопската тврдина.

Раководителот на истражувањата на Калето Драги Митревски изјави дека пронајдокот е меѓу полуксузните наоди откриени на тврдината и оти е значаен по својата историска вредност зашто ги одредува периодите на владеење со Скопје.

- Монетите го определуваат историскиот момент на уривање на византискиот град и моментот кога Србите го освојуваат и во наредните 110 години  владеат со Скопје. Наодот е најубава илустрација токму за тој момент од историјата на градот. Сега ги истражуваме остатоците од тие слоеви во кои е најдено грнчето. Денес е откриен и женски накит својствен за највисоката класа на византиската аристократија. Тоа сведочи за специфичниот историски момент од крајот на 13 век, кој сега се истражува, рече Митрески.

Локалитетот на кој интензивно се истражува трета година по ред денеска го посети и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

- Ова е многу значен локалитет и еден од оние во кои е сконцентрирана целокупната културна и историска традиција на Република Македонија, рече Канческа-Милевска. Таа соопшти дека идниот месец ќе биде отворен тендер за избор на фирма што ќе работи на  реконструкција на Киклопскиот бедем на калето, со што тврдината однадвор целосно ќе биде реконструирана. Паралелно се работи и на програма за ревитализација на калето со голем број културни и туристички содржини.

Завршен е и проектот за целосно осветлување на тврдината. Избрана е  фирмата и по добивањто на енергетската согласност, кон крајот на мај ќе почне целосна илуминација - и на југозападниот бедем и на киклопскиот бедем кој ќе се работи во овој период. 

Тимот археолози ќе ја истражуваат тврдината до крајот на јуни, а потоа од есен ќе им остане просторот на терасата на ресторанот „Кале“ во кој се влегува од главната јужна порта.

Митрески информираше дека просторот треба да се ослободи од археологија и оттаму да биде влезот во средновековниот град.  На тој простор има десет метри слој од  градежен шут - собран од остатоците од земјотресот во Скопје и врз нив е направена ресторанската тераса. хс/скс/14:41