Музејот очекува годинава да продолжи проектот со санација на Саат-кулата, да заврши ревалоризацијата на старата прилепска чаршија и да изврши санација на музејот "11 Октомври" - поранешниот участак


Истражувањата на локалитетите Стибера, Зрзе и во манастирот Трескавец за прилепскиот Завод и музеј остануваат капитални проекти на кои ќе се работи и годинава. Покрај овие истражувања, Музејот очекува годинава да продолжи проектот со санација на Саат-кулата, да заврши ревалоризацијата на старата прилепска чаршија и да изврши санација на музејот "11 Октомври" - поранешниот участак.

Гордана Данаилоска-Спиркоска, директорка на Музејот, смета дека од Министерството за култура ќе имаат слух за финансирањето на проектите.
- Годинава пред Министерството за култура конкуриравме со програма од 45 проекти, но ќе мора да се почека до крајот на јануари кога ќе се изјасни Министерството. Лани имавме по 3,5 милиони денари за капиталните проекти - Стибера и Зрзе. Годинава не се знае колку ќе бидат вложени. Се очекува да продолжат истражувањата и на Трескавец за потоа да се конзервира црквата, вели Данаилоска-Спиркоска.

На античкиот локалитет Стибера се работеше и лани. Некогашниот град со 20.000 жители кој активно живеел од 3. век пред нашата до 3. век од нашата ера нуди многу артефакти како потврда дека бил центар на култура, живеење. Стибера е најголемиот локалитет во државава од кој се пронајдени мермерни статуи од кои дел се пред Владата.

Зрзе лани понуди нови откритија кои ја потврдуваат раната монашка заедница на овие простори уште од 9. век паралелно со Охридската школа. Освен ова беа пронајдени и гроб на анонимен маченик од 4. век и црква од 5. век изградена врз неговите мошти со што се допира до корените на христијанството.

И манастирот Трескавец е во капиталните проекти. Тој е на листата на 100 светски загрозени споменици на културата. Формирано е координативно тело за негова заштита, но мора прво да се направи пристапниот пат. Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески проектот е готов, чини речиси еден милион евра и ќе се бараат пари од Владата и од донатор.
Во Музејот ќе работат на санацијата на градскиот саат. Кулата е навалена со нови 5-6 милиметри но нема да падне, тврдат од Музејот.

Прилепскиот завод и музеј во текот на две години реализирал 84 проекти од областа на музеологијата, заштитата на културното наследство, археологијата. Под надлежност на Музејот се спомен-домот на Кузман Јосифоски-Питу, меморијалниот музеј "11 Октомври", Музејот за тутун, Галеријата на икони и Могилата на непобедените.

Извор: Вечер